Денот кога нацистичка Германија го нападна Советскиот Сојуз е причина за срам за Германците, рече германската канцеларка Ангела Меркел во обраќањето објавено на веб-страницата на германската влада.

„ За неколку дена, 22 јуни ќе ја одбележи годишнината од нападот на нацистичка Германија врз тогашниот Советски сојуз. По германскиот напад врз Полска во 1939 година, започна Втората светска војна, две години подоцна Германија го отвори следното страшно поглавје. За нас Германците, тој ден е причина за срам “, рече Меркел.

Таа додаде дека Германија признава дека сноси одговорност за злосторствата на нацистичкиот режим.

„ Тоа вклучува постојано сеќавање на она што се случило. Тоа не смее да се заборави. Тоа им го должиме на милиони жртви и нивните потомци. Од таа одговорност, расте нашата должност да дејствуваме во име на мирот и меѓународниот поредок, засновани на правила“, истакна Меркел.

Таа додаде дека и покрај ужасите од војната, народите од поранешниот Советски Сојуз подадоа рака на помирување кон нејзината земја.

„Длабоко сме благодарни за тоа“, рече канцеларката.

Според неа, Германија е тесно поврзана со Русија преку историски и економски врски и потребно е да се одржи дијалог со Москва, и покрај постојните несогласувања.

Претходно германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека војната на нацистичка Германија против СССР е крваво варварство. Како што рече, во Втората светска војна никој не страдал повеќе од народите на поранешниот Советски сојуз.

makfax.com.mk