„Во Франција се подготвува граѓанска војна и вие тоа добро го знаете“, напишаа активните офицери на француската армија во писмото до претседателот Емануел Макрон.

Така ги поддржаа пензионираните генерали, кои претходно напишаа отворено писмо со сличен тон, што укажува на недостаток на безбедносна и антиекстремистичка политика.

Писмото на офицерите, исто како и претходното писмо на генералите, го објави францускиот магазин „Валер актуел“. Имињата на офицерите што го напишале тоа не се објавени, но истакнато е дека тие се борци кои заслужуваат почит.

„Ова се високи офицери чија чест беше изгазена претходните недели. Илјадници француски војници потпишаа отворено писмо, војници кои дадоа сè од себе за да ја одбранат нашата слобода. Со нив се однесувате како со бунтовници, иако единствен грев им е што ја сакаат својата земја и жалат за нејзиниот пад“, се вели во писмото.

Во него се наведува дека се гледа „насилството во нашите градови и села“ и дека „омразата кон Франција и нејзината историја станува правило“.

„Граѓанската војна се подготвува во Франција и вие тоа добро го знаете. Време е за акција за спас на нашата татковина и овој пат станува збор за опстанокот на нашата земја”, се вели во писмото.

Претходно, истиот магазин објави писмо од повеќе од 1.000 воени службеници, меѓу кои и 20 генерали во пензија, кои бараат од Макрон и владата да преземат мерки против опасностите од исламизмот и верскиот фанатизам, за кои велат дека можат да го поделат општеството и да предизвикаат граѓанска војна во државата.

Отворено писмо од група пензионирани генерали кои бараат одбрана на Франција од исламизмот наиде на симпатии во јавноста, напиша претходно „Дојче веле“.

Марин ле Пен, лидерка на десничарската Национална алијанса, испрати порака до пензионираните генерали, давајќи им целосна поддршка: „Ве поканувам да се вклучите во започнатата битка и битката што е над сите битки, битката за Франција. Како граѓанин и како жена политичар го споделувам вашето страдање “, наведе Марин ле Пен.

makfax.com.mk