logo
logo
logo

ЛИЗ ТРАС прави вртење за 180 степени

Vecer | 14.10.2022

ЛИЗ ТРАС прави вртење за 180 степени

Британската премиерка Лиз Трас денеска изјави дека секогаш ќе дејствува во националниот интерес и дека нејзин приоритет е да обезбеди економска стабилност за Британија.

„Сакам да обезбедам ниски даноци, високи плати, висок економски раст. Тоа е работата што треба да ја работам, за која ме избра мојата партија и таа мисија останува“, рече таа на прес-конференција само неколку часа по разрешувањето на министерот за Финансии на Кваси Квартенг, пренесува Ројтерс.

Трас рече дека британската корпоративна даночна стапка ќе биде зголемена на 25 отсто, што е пресврт за 180 степени од претходниот план на владата за намалување на даноците.

Претходниот „мини-буџетски“ план, претставен од нејзината влада на 23 септември, вклучуваше замрзнување на корпоративниот данок од 19 отсто и серија други даночни намалувања, што предизвика турбуленции на финансиските пазари.

„Јасно е дека некои делови од нашиот мини-буџет отидоа подалеку и побрзо отколку што очекуваа пазарите. Така, начинот на кој сега ја исполнуваме нашата мисија мора да се промени. Мораме да дејствуваме сега за да ги увериме пазарите во нашата фискална дисциплина. Затоа решив да се задржи зголемувањето на корпоративниот данок планирано од претходната влада“, изјави Лиз Трас.

Овој потег ќе ги зголеми британските јавни финансии за 18 милијарди фунти (20 милијарди долари), забележува Ројтерс.

Премиерката додаде дека трошењето на британската влада ќе расте побавно од претходно планираното, како дел од напорите за намалување на односот на долгот и БДП на среден рок.

„Ќе го контролираме јавниот сектор за да се осигураме дека парите на даночните обврзници секогаш се добро трошени. Нашиот јавен сектор ќе стане поефикасен во испораката на услуги од светска класа до Британците, а трошоците ќе растат со побавно темпо од првично планираното“, рече Трус.

По повод именувањето на поранешниот министер за надворешни работи Џереми Хант за нов министер за финансии, таа истакна дека тој е една од најискусните и најпочитуваните личности меѓу владините министри и пратениците кои ги делат нејзините убедувања и амбиции за напредок на земјата.

„Тој ќе достави среднорочен фискален план на крајот на овој месец. Ќе ја разгледа поддршката што ја даваме за да им помогнеме на семејствата и бизнисите, вклучително и загарантирана цена на енергија што ќе ги заштити луѓето од повисоки сметки за енергија оваа зима“, објави Лиз Трас.

Стерлинг потона за 1,1 отсто на 1,1199 долари

Фунтата и ФТСЕ остро паднаа откако Кваси Квартенг, министерот за финансии, беше сменет поради пазарните превирања предизвикани од неговите буџетски кратења, пишува британски „Експрес“.

Како што јави новинската агенција АФП, стерлингот потона за 1,1 отсто на 1,1199 долари, откако британските медиуми објавија дека премиерката Лиз Трас го сменила Квартенг.

Квартенг се врати еден ден претходно од САД, за денеска да има кризни разговори со премиерот.

Тој помина два дена во Вашингтон каде што се состана со ММФ и другите министри за финансии, кои го повикаа брзо да ги поништи даночните намалувања за да избегне дополнителна финансиска штета.

По враќањето во Лондон, тој во нејзиниот кабинет се сретнал со премиерката, а по разговорот за медиумите потврдил дека од него било побарано да поднесе оставка од функцијата.

Фото: Профи

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk