Либија донесе одлука која би можела да го урне договорот на ЕУ за мигрантите

Либија го отфрли планот на ЕУ за формирање миграциски центри на нејзина територија и нема да биде заведена со финансиски стимул, рече либискиот премиер Фаес ал-Серад.

Италија минатиот месец предложи центрите за прифаќање и идентификација на мигрантите да бидат отворени во Африка, со цел да се решат поделбите меѓу европските земји во врска со приливот на повеќе од еден милион мигранти од 2015 година.

Либија е главната почетна точка за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Европа, најчесто во лоши гумени чамци што ги набавуваат од шверцери.

Ал-Серад изјави дека тие се апсолутно против желбата на Европа кај нив да се сместат илегалните мигранти што ЕУ не сака да ги прими. Тој ги отфрли тврдењата дека либиската крајбрежна стража пукала на хуманитарните работници кои се обидувале да ги спасат мигрантите во Средоземното Море и нагласи дека неговата земја има потреба од поголема техничка и финансиска поддршка.

Според Агенцијата за миграција на ОН, до денес во Европа преку море влегле 51 782 мигранти и бегалци, а од почетокот на годината во Средоземното Море загинале 1490 луѓе.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари