Критичар на Путин пронајден мртов во Лондон

Русинот, Николај Глушков, кој имал азил во Велика Британија бил пронајден мртов во својот дом во Лондон, пренесуваат тамошните медиуми. Неговото безживотно тело било пронајдено минатата ноќ од страна на семејството и пријателите, јавува „Гардијан“. Причината за смртта на 68-годишниот човек засега не е позната. Еден од неговите пријатели, новинарот Дамиан Кудријавчев, ја објави веста на својот фејсбук профил.

Лондонската полиција објави дека истрагата за неговата смрт ја води антитерористичката единица како мерка на претпазливост, поради врските кои ги имал убиениот. Полицијата вели дека досега нема докази кои укажуваат на поврзаност со обидот за убиство на поранешниот руско-британски двоен агент, Сергеј Скрипал, во Салисбјури. Сепак, ваквиот контекст предизвикува многу сомнежи.

Инаку, Глушков бил соработник на рускиот тајкун, Борис Березовски, кој беше пронајден мртов во 2013, а важеше за ривал на рускиот претседател, Владимир Путин. И покрај сомнежите во врска со неговата смрт, полицијата на крајот сепак заклучи дека станува збор за самоубиство. Березовски беше пронајден мртов во март 2013 година со шал завиткан околу неговиот врат во бања во луксузна вила во Аскот, богат англискиот град во близина на замокот Виндзор, западно од Лондон. Шеесет и шестгодишниот тајкун беше еден од најмоќните Руси по падот на Советскиот Сојуз. Многумина го нарекувале „Кремаљски Кум“, но во 2000 година побегнал во Лондон по расправија со актуелниот руски претседател, Владимир Путин.

Глушков работел за руската авио-компанија „Аерофлот“ и за производителот на автомобили „ЛогоВАЗ“ во сопственост на Березовски. Во 1999 година, кога Березовски и Путин политички се разишле поради обвинението од рускиот олигарх на сметка на идниот руски претседател, Глушков бил обвинет за перење пари и проневера. Тој бил осуден, а по пет години ослободен од затвор. Како и Березовски, Глушков добил политички азил во Велика Британија, кој го побарал поради страв да не биде повторно затворен. Во 2011 година тој сведочеше во тужбата поднесена од Березовски против друг познат руски олигарх, Роман Абрамович, кој остана во добри односи со Путин.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари