logo
logo
logo

КРИПТО КРАЛИЦАТА на ФБИ листата за 10 НАЈБАРАНИ: Која е Руја Игнатова?

Vecer | 01.07.2022

КРИПТО КРАЛИЦАТА на ФБИ листата за 10 НАЈБАРАНИ: Која е Руја Игнатова?

Руја Игнатова, позната и како „крипто-кралица“ се најде на листата на ФБИ со десет најбарани бегалци. Американските истражители ја обвинија Бугарката дека измамила луѓе за повеќе од 4 милијарди долари преку нејзината криптовалута onecoin. Исчезна во 2017 година кога американските власти потпишаа налог за нејзино апсење.

Игнатова го водеше проектот OneCoin и на почетокот на 2014 година им понуди на клиентите провизија доколку ја продадат криптовалутата на повеќе луѓе. Но, ФБИ тврди дека onecoin бил безвреден и никогаш не бил заштитен со блокчејн технологијата што ја користат другите криптовалути.

„Таа совршено го темпираше својот план, искористувајќи го пазарното лудило во раните денови на криптовалутите“, рекол Демијан Вилијамс, главниот обвинител на Менхетен.

ФБИ ја додаде Игнатова на листата на најбарани и понуди награда од 100.000 долари за каква било информација за тоа каде се наоѓа „крипто кралицата“.

 

Ruja Ignatova

Британскиот Би-би-си наведува дека една од причините зошто Игнатова е толку тешко да се најде е тоа што исчезнала со најмалку 500 милиони долари, што и помогнало да се скрие од законот.

Игнатова последен пат била видена како се качува на лет од Бугарија за Грција во 2017 година и оттогаш и се губи секаква трага.

Поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и тогашната вицепремиерка Мартина Далиќ го поддржаа Конгресот на претприемачи во 2017 година со компанијата OneCoin на Руја Игнатова.

Кога се дозна дека станува збор за сомнителна компанија, тие се повлекоа од Конгресот, иако извесно време беа наведени како покровители на неговите официјални страници.

Која е продавачката на магла?

Руја Игнатова е основач на проектот OneCoin, криптовалута која е забранета во некои земји од Европската Унија, во други е под полициска истрага, додека во трети потрошувачите се предупредуваат дека лесно може да бидат измамени, пишува Индекс.хр.

Руја Игнатова беше осудена од германскиот суд на 14 месеци условна казна, но не за криптовалути, туку за мамење на партнери и работници во фабрика за метал во Германија која потоа пропадна.

Компанијата OneCoin е регистрирана во Гибралтар, а нејзиното седиште е во Бугарија.

Оваа наводно успешна деловна жена работела напорно за да го изгради својот имиџ како доктор по правни науки, која наводно студирала на Оксфорд и Констанца и која наводно работела во консултантската фирма Мекинсли.

 

Како функционира OneCoin?

Новите членови купуваат едукативни пакети кои се плаќаат од 100 до 118.000 евра за „добивање знаење за криптовалутите и финансиските пазари“. Она што го нарекуваат „едукативни материјали“ се всушност копии од статии и книги достапни бесплатно на Интернет. Овие пари потоа се поделени меѓу Руја Игнатова и тесен круг „врвни лидери“ (половина од парите) и локалната мрежа на организацијата што го донела новиот член. Нема финансиска револуција, тоа е само лоша копија на Биткоин. Со една клучна разлика: тоа не е криптовалута бидејќи не е на слободниот пазар.

Оваа криптовалута е целосно централизирана и не се тргува на отворен пазар како, на пример, со биткоинот, така што не постои начин објективно да се одреди нејзината вредност.

Постојниот внатрешен пазар е многу невообичаен. Таму може да се менуваат OneCoins за евра, но не може секој да тргува, само оние кои вложиле поголеми суми и тоа со дневни лимити. Покрај едукативниот материјал, членовите добиваат токени за ископување одредена количина криптовалута.

Игнатова и нејзиниот тим вештачки ја креваат цената на валутата и им ветуваат на новите членови дека за една година тројно ќе ја зголемат вредноста на нивните евра, што, се разбира, не се случува.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk