Механизмот „Ковакс“ го објави планот за дистрибуција на вакцини против Ковид-19 што се однесува на земјите во развој, според кој, до средината на годината, 145 земји кои припаѓаат на оваа група ќе добијат дози за 3,3 проценти од населението, јавува „Анадолија“.

Земјите ќе добијат дози во однос на големината на населението.

Најмногу ќе одат во Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони)

Меѓу земјите во регионот, Србија ќе добие најмногу (345.600), потоа Босна и Херцеговина (180.000), Албанија (141.600), Северна Македонија (103.200), Косово (100.800) и Црна Гора (84.000).

Проценето е дека испораката на првите вакцини ќе започне на крајот на февруари.

„Првата индикативна дистрибуција вклучува 240 милиони дози вакцина на ’Астра зенека-Оксфорд’, произведена од Институтот за серум во Индија“, рече Сет Беркли, извршен директор на „Гави“, здружение за вакцини, кое сака да го зголеми пристапот до имунизација во земјите во развој.

„Вклучува и 96 милиони дози од истата вакцина предвидени со напредниот договор за набавка потпишан директно помеѓу ’Гави’ и ’Астра зенека’, како и 1,2 милиони инјекции на вакцината против Ковид-19 на ’Фајзер-Бионтек’“, додаде Беркли.

Ен Линдстранд, координатор на Светската здравствена организација за програми за имунизација, рече дека тоа е фантастична вест.

„Можеме да започнеме со вакцинирање. Доаѓа во текот на следните недели“, рече Линдстранд.

Шефот на СЗО, Тедрос Гебреизус, претходно предупреди дека иако развојот на вакцините е голем успех, светот не смее да дозволи воведувањето нови вакцини да ги продлабочи постојните нееднаквости, ниту, пак, да донесе нови.

„Ковакс“ е формиран со цел да обезбеди фер дистрибуција на вакцините до земјите и луѓето во неволја.

 

makfax.com.mk