Почнаа кинески воени вежби во три поморски области околу Тајван

Пекинг почна да спроведува воени вежби во близина на Тајван, откако вети дека ќе започне серија „целни воени операции“ како одговор на посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси на самоуправниот остров, објавија кинеските медиуми.
Кинески воени вежби почнаа во три поморски области во близина на Тајван, пренесува РИА Новости.
Официјалниот претставник на борбената команда на Источната зона на Народноослободителната армија (ПЛА) Ши Ји најави почеток на воените вежби.
„Вечерта на 2 август, Источната борбена команда на Народноослободителната војска започна серија заеднички воени операции околу островот Тајван, како и заеднички воздушни и поморски вежби во морето и воздушниот простор на север, југозапад и југоисток од Тајван“, рече Ши Ји.
Според телеграм каналот „Воен опсервер“, под изговор за воени вежби, Народноослободителната војска на Кина го опколила островот Тајван. Всушност, воспоставена е блокада.
Да потсетиме дека претходно Кина најави воени вежби во шест поморски области околу Тајван.
Претседателката на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, во вторникот пристигна во Тајван и покрај острите предупредувања на Кина, што е прва посета на островската држава на американски функционер на највисоко ниво во последните 25 години.
Американскиот воен Боинг C-40C во кој патуваше Пелоси слета на аеродромот Сонгшан во Тајпеј. Тоа е почеток на третата и најконтроверзна етапа од нејзината азиска турнеја во пет земји.
Пелоси и членовите на нејзината делегација на Демократската партија се состанаа со министерот за надворешни работи на Тајван Џозеф Ву и Сандра Оудкирк, директорка на Американскиот институт во Тајван, кој служи како де факто американска амбасада.
Посетата беше реализирана и покрај жестокото противење на Пекинг, кој тврди дека има суверенитет над островот и планира во догледно време да ја преземе управата на територијата на Тајван.
Кина го осуди „исклучително опасниот“ однос на Соединетите држави веднаш по пристигнувањето на високиот американски функционер.
„САД (…) се обидуваат да го искористат Тајван за да ја задржат Кина“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Се додава дека Вашингтон „продолжува да го искривува и прикрива принципот на една Кина со цел да ги интензивира официјалните размени со Тајван и да ги охрабри сепаратистичките активности на Тајван и желбата за независност. Овие потези се како играње со оган и се крајно опасни“.
Шефот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во исто време објави кратка изјава на Твитер.
– Посетата на нашата делегација на Тајван ја потврдува посветеноста на Америка за поддршка на енергичната демократија на Тајван. Нашите разговори со тајванското раководство се уште една потврда за нашата поддршка за нашите партнери и служат за промовирање на нашите заеднички интереси, кои вклучуваат унапредување на слободен и отворен индо-пацифички регион. Солидарноста на Америка со 23-те милиони жители на Тајван е поважна денес од кога било, во време кога светот е соочен со избор меѓу автократија и демократија, напиша Пелоси на Твитер.
– Нашата посета е една од низата посети на делегации на Конгресот и во никој случај не е во спротивност со долгогодишната политика на САД, додаде Пелоси и истакна дека Америка продолжува да се спротивставува на едностраните напори за промена на статус кво.
Our delegation’s visit to Taiwan honors America’s unwavering commitment to supporting Taiwan’s vibrant Democracy.
Our discussions with Taiwan leadership reaffirm our support for our partner & promote our shared interests, including advancing a free & open Indo-Pacific region.
— Nancy Pelosi (@SpeakerPelosi) August 2, 2022
Фото: Ненси Пелоси/ China Photos/илустрација