Кинеските власти ја приведоа австралиската новинарка Ченг Леи под обвинение за шпионажа, за што сега ѝ се заканува доживотен затвор, па дури и смртна казна, пишува ДВ.

Леи, австралиска ТВ водителка со кинеско потекло, е уапсенa и обвинетa за објавување државни тајни во странство. Австралиската министерка за надворешни работи, Мариз Пејн изјави дека Кинезите го пријавиле апсењето на Леа на 5 февруари, која е приведена без образложение од август.

Притворот за водителката, која разговараше со водачи на компании од целиот свет за државната телевизија ЦГТН, дојде во време на растечки билатерални тензии меѓу Пекинг и Канбера.

Дипломатските односи нагло се влошија на почетокот на минатата година откако Австралија започна меѓународна истрага за потеклото на коронавирусот, откриен во кинескиот град Вухан. Австралијците исто така ги критикуваа Кинезите за нивното зголемено влијание во азиско-пацифичкиот регион и за наводното мешање во австралиските работи.

Кина презеде голем број економски одмазднички мерки против повеќе од десетина австралиски производители, особено на јачмен, говедско месо, вино и јаглен.

Министерката Пејн рече дека австралиските дипломати ја посетиле Леи шест пати откако е уапсена.

„ Австралиската Влада редовно на највисоко ниво ја објавува својата длабока загриженост во врска со притворот на Ченг Леи“, нагласи Пејн.

Леи е вториот истакнат австралиски државјанин приведен по апсењето на писателот Јанг Хенгјун во јануари 2019 година, осомничен за шпионажа.

makfax.com.mk