logo
logo
logo

Ким Џонг Ун објави војна на фармерките, странските филмови: На луѓето им се заканува и смртна казна

Vecer | 07.06.2021

Ким Џонг Ун објави војна на фармерките, странските филмови: На луѓето им се заканува и смртна казна


Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, воведе нов сеопфатен закон со којшто сака да го поттисне секое странско влијание, строго казнувајќи ги оние кои поседуваат странски филмови, облека или, дури, ако користат изрази од „непријателски“ јазици.

Жителката на Сеул, Јон Ми Соу, за британски „Би-Би-Си“ изјави дека имала 11 години кога првпат видела дека властите погубиле маж затоа што носел со себе јужнокорејски филм.

На целото негово соседство му било наредено да го гледа погубувањето.

„Никогаш нема да го заборавам тоа. Сè уште ги гледам неговите солзи како течат. Му ги врзаа очите, но завојот беше целосно натопен со солзи. Тоа беше трауматично за мене. Го врзаа за дрвен столб и потоа го застрелаа“, додаде таа.

Замислете дека сте во постојана блокада без Интернет, социјални медиуми и само неколку државни канали кои го кажуваат она што лидерите на државата сакаат да го слушнете – ова е животот во Северна Кореја, пишува Би-Би-Си.

Сепак, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун сега отиде подалеку, воведувајќи нов сеопфатен закон. Имено, секој што ќе биде фатен со голема количина видео-содржина од Јужна Кореја, САД или Јапонија се соочува со смртна казна, а за оние што гледаат такви снимки се заканува казна затвор од 15 години.

Неодамна Ким Џонг Ун преку државните медиуми напиша порака во која ја повика Младинската лига да преземе мерки против „индивидуалистичко, антисоцијалистичко однесување“ меѓу младите, а сега сака да го укине користењето на странски изрази, фризури и облека, за кои вели дека се „опасни отрови“.

Политичките аналитичари сметаат дека севернокорејскиот лидер се обидува да ги запре надворешните информации што доаѓаат до луѓето во Северна Кореја, бидејќи, како што велат, животот во земјата станува сè потежок.

Северна Кореја сега, откако ги затвори своите граници поради пандемијата, е отсечена од надворешниот свет повеќе од кога било досега, па дури и трговијата со соседна Кина и приливот на витални залихи е скоро целосно запрена, јави Би-Би-Си.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk