Разумот веројатно победи

Каталонија ја суспендираше декларацијата за независност и сака дијалог, Мадрид постави ултиматум

Продолжуваме да ставаме акцент на преговорите. Ние не сме крадци, не сме лудаци, не организираме државен удар – ние сме обични луѓе кои бараат право да им се слушне гласот. Немаме ништо против Шпанија, напротив, сакаме да ги унапредиме односите, рече Пуџдемон

Каталонскиот лидер Карлас Пуџдемон во вторникот вечерта во обраќање пред регионалниот парламент изјави дека милиони граѓани на Каталонија веруваат оти Каталонија треба да има сопствена држава, пренесе Ројтерс.

Тој рече дека ќе го почитува резултатот од референдумот, но дека прво ќе бара решение преку преговори со Шпанија. Пуџдемон побара суспензија на пргласувањето независност за да може да започне дијалог.

-Продолжуваме да ставаме акцент на преговорите. Ние не сме крадци, не сме лудаци, не организираме државен удар – ние сме обични луѓе кои бараат право да им се слушне гласот. Немаме ништо против Шпанија, напротив, сакаме да ги унапредиме односите. Сега односите се во криза. Го освоивме правото на референдумот да бидеме независна држава и да бидеме слушнати. А тоа и го сакаме. Да не почитуваат и да не слушнат. Подготвен сум да одам по патот на независноста. Први октомври ја промени ситуацијата, сега сме на историски крстопат, како претседател ги ставам пред вас резултатите од референдумот и го прифаќам мандатот Каталонија да биде независна држава како република, рече Пуџдемон.

-Ги поздравувам повиците за дијалог, ги имаше многу во изминатите денови, додаде тој. – Не планирам кому било да му се закаувам. Ниту да навредувам. Сите сме одговорни за ова. Ни треба деескалација на ситуацијата, не смееме повеќе да ја потсилуваме. Сите сме иста заедница и мораме да одиме напред. Нема секогаш да се согласуваме за се, но многу пати докажавме дека единствениот пат напред е демократијата и мирот. А за тоа е потребен дијалог, рече Пуџдемон.

Претходно претседателот на каталонската регионална Влада, Карлас Пуџдемон ја потпиша декларацијата за прогласување независност на Каталонија, но го одложи нејзиното стапување во сила, согласно изјавата во Парламентот во Барселона.

Покрај Пуџдемон, под декларацијата се потпишаа и неговиот заменик Ориол Жункерас, претседателката на каталонскиот Парламент, Карме Форкадел и 72 пратеници од владејачкото мнозинство во Каталонија.

- Ја создаваме Република Каталонија како независна, суверена, правна, демократска и социјална држава, се наведува во текстот на декларацијата.

По церемонијата на потпишување на документот, претставник на каталонската Влада изјави дека Пуџдемон го одлага стапувањето во сила на декларацијата, за да остави простор за дијалог со Мадрид.

Меѓутоа, во средата шпанскиот премиер Маријано Рахој побара од каталонската регионална Влада да се изјаснат дали формално прогласиле независност, пред Мадрид да интервенира во регионот. Тој упати и закани дека е можно да се укине автономијата на Каталонија.

Според најавите, Пуџдемон ќе ја достави декларацијата на усвојување во каталонскиот Парламнет, доколку Мадрид го одбие дијалогот, како што најавуваше досега или ако евенталните преговори не резултираат со договор за надминување на кризата.

Шпанската вицепремиерка Сораја Саенз де Сантамарија претходно порача дека Пуџдемон треба да се врати на патот на законот ако сака дијалог, додавајќи дека тој нема право да „наметнува посредување со Владата" на Шпанија.

Од друга страна, ваквата одлука на Пуџдемон предизвика револт и кај приврзаниците за отцепување на Каталонија.

Лидерката на каталонската опозиција и на партијата Граѓаните (Цс), Инес Аримадас, пак, оцени дека постапката на Пуџдемон ги поделила граѓаните во Каталонија. - Граѓаните на Каталонија се поделени благодарение на вас, му се обрати Аримадас на Пуџдемон.

Според неа, „повеќето Каталонци се чувствуваат како граѓани на Каталонија, на Шпанија и на Европа" истовремено.

Од друга страна, екстремно левичарската партија Кандидатура за народно единство (ЦУП), која е клучен сојузник на Пуџдемон, изрази жалење поради „пропуштената шанса" за експлицитно прогласување независност на Каталонија.

- Веруваме дека денеска беше денот кога требаше свечено да се прогласи Република Каталонија и веројатно ја пропуштивме таа шанса, изјави пратеничката на ЦУП во каталонскиот Парламент, Ана Габриел.

Поврзани

Најнови вести

Коментари