logo
logo
logo

Јапонските експерти ПРОТИВ ОДРЖУВАЊЕ на Олимписките игри

Vecer | 02.06.2021

Јапонските експерти ПРОТИВ ОДРЖУВАЊЕ на Олимписките игри

Најценетиот јапонски експерт за медицина, Шигеру Оми, изјави дека „одржувањето на Олимписките игри поради моменталната состојба во земјата со инфекции од корона вирус не е нормално“, и ова е едно од најсилните предупредувања за ризиците од Игрите во Токио .

Обраќајќи се на парламентарниот комитет, медицинскиот советник Оми рече дека организаторите треба да ѝ објаснат на јавноста зошто се планира одржување на Олимписките игри во сред пандемија.

„Не е нормално да се одржуваат Олимписки игри во ваква ситуација“, рече Оми.

Лекарите рекоа дека Олимпијадата, закажана да започне на 23 јули по одложувањето од минатата година, ќе го оптерети здравствениот систем, кој веќе има рекорден број на болни кои се во критична состојба. Според Ројтерс, само 2,7 проценти од Јапонците се целосно вакцинирани, а темпото на нови инфекции сепак е забавено.

Анкетите покажуваат дека повеќето луѓе во Јапонија се спротивставуваат на одржувањето на Игрите, загрижени за десетици илјади спортисти, официјални лица и медиуми кои ќе допатуваат во земја, каде минатата недела вонредната состојба во Токио и другите области беше продолжена до 20 јуни.

„Ако ги одржиме игрите под овие околности, тогаш мислам дека е одговорност на организаторите на Олимпијадата да го намалат обемот на настаните и да ги зајакнат мерките за контрола на корона вирусот што е можно повеќе“, додаде Оми, кој се спротивстави на јапонскиот премиер Јошихиде Суга и организаторите кои го уверија светот дека ќе организираат безбедни игри.

Висок службеник на Меѓународниот олимписки комитет задолжен за организација на Игрите ја налути јапонската јавност во мај, изјавувајќи дека Олимписките игри ќе се одржат дури и ако Токио се наоѓа во вонредна состојба.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk