Јапонската влада донесе одлука за ослободување огромни количества радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во Тихиот океан во следните две години, на што остро се спротивставуваат локалните рибари и жителите на околните области.

Долго време се шпекулираше дека владата ќе донесе ваква одлука, која се одложуваше неколку години поради протести и безбедносни причини.

Сепак, одлуката конечно беше донесена на владината седница, на која се наведува дека ослободувањето на загадена, радиоактивна вода во Тихиот океан е најдобро решение, објавиja светските агенции.

Радиоактивната вода се складира во нуклеарната централа „Фукушима Даичи“ од 2011 година, кога реакторите во оваа централа беа оштетени во земјотрес и цунами, а загадената вода за ладење на реакторот почна да истекува.

Токиската електрична компанија, која управува со Фукушима, објави дека капацитетите за складирање на радиоактивна вода ќе бидат пополнети на крајот на следната година, а премиерот на Јапонија, оцени дека испуштањето на загадена вода во Тихиот Океан е најреална и неизбежна опција.

Експертите од „ТЕПКО“ и Владата на Јапонија рекоа дека само тритиум не може да се отстрани од радиоактивната вода, што, како што е наведено, не е штетно за околината и здравјето на луѓето во мали количини, но може да се намали нивото на сите други радиоактивни материјали во водата до дозволеното ниво.

Некои научници предупредија дека долгорочните штетни ефекти од ослободувањето на големи количини радиоактивна вода во морето врз живиот морски свет не се познати.

„ТЕПКО“ потврди дека капацитетите за складирање на радиоактивна вода изнесуваат 1,37 милиони тони.

Американската администрација денес изрази поддршка на одлуката на јапонската влада за ослободување на загадената, радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во Тихиот океан, со проценка дека таквата одлука е во согласност со глобалните безбедносни стандарди.

„Јапонската влада постапи транспарентно во донесувањето на оваа одлука“, рече Стејт департментот, пренесува Ројтерс.

makfax.com.mk