logo
logo
logo

Јапонија планира зголемување на воениот буџет на два отсто од БДП до 2027 година

Vecer | 29.11.2022

Јапонија планира зголемување на воениот буџет на два отсто од БДП до 2027 година

Јапонскиот премиер, Фумио Кишида, синоќа побара од неговата влада да подготви зголемување на буџетот за одбрана на два отсто од БДП до 2027 година, што е значително повеќе од сегашниот еден процент на кој Токио досега го ограничуваше воениот буџет.

Јапонија ја донесува оваа одлука во време кога се обидува да ја зајакне својата одбранбена и безбедносна стратегија за да се спротивстави на растечките закани од Кина и Северна Кореја, како и врз основа на новата светска геополитичка ситуација по рускиот напад врз Украина.

Јапонското Министерство за одбрана во август побара нов рекорден годишен буџет од 5.590 милијарди јени (39 милијарди евра) за фискалната година 2023/2024 што започнува во април, што е двопроцентно зголемување споредбено со првично определениот буџет за тековната година.

„Ќе преземеме буџетски мерки за зголемување на трошоците за одбрана на два отсто од БДП до 2027 година“, изјави министерот за одбрана, Јасуказу Хамада, пред новинарите по состанокот со премиерот Кишида.

Прашањето е контроверзно во Јапонија од неколку причини, меѓу другото, поради пацифистичкиот повоен Устав на земјата што ги ограничува воените капацитети на јапонската армија.

Според локалните медиуми, една од целите на дополнителното трошење ќе биде да се обезбеди капацитет за „контранапад” со оружје што може да ги таргетира непријателските лансирни локации, активности што Токио ги карактеризира како одбранбени.

Според анкетата спроведена вчера од страна на новинската агенција „Кјодо“, повеќе од 60 отсто од Јапонците позитивно гледаат на обезбедувањето капацитети за контранапад.

Другото спорно прашање е поврзано со финансирањето дополнителни воени трошоци, бидејќи зголемувањето на даноците е непопуларно, вклучително и во Либерално-демократската партија на премиерот Кишида. Неговата Влада веќе се соочува со високи трошоци поврзани со стареењето на населението, пандемијата и војната во Украина.

Според „Кјодо“, третина од Јапонците поддржуваат намалувања во другите буџетски сектори за финансирање на зголемувањето на трошоците за одбрана.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk