Извлекувањето во Тајланд за малку ќе имало трагичен крај, тврдат спасувачите

Акцијата за спасување на 12. момчиња и нивниот тренер во Тајланд за малку не завршила трагично, откриле некои од спасувачите за британски „Гардијан“, истакнувајќи дека пумпите за вода неколку часа по извлекувањето на последното дете нагло престанале да работат.

Во овој момент, спасувачите беа оддалечени повеќе од 1,5 километри од излезот на пештерата, а главната пумпа престанала да работи. Поради тоа, имало ненадеен пораст на нивото на водата во пештерата.

Тројца австралиски спасувачи, кои биле во пештера, тврдат дека тогаш слушнале викање и виделе факли за сигнализација длабоко во пештерата, односно работници кои се обидувале да стигнат до сувиот дел.

„Паничното викање започна поради тоа што нивото на водата нагло почна да се зголемува“, изјавиле спасувачите за „Гардијан“, додавајќи дека во пештерата тогаш имало повеќе од 100 спасувачи и работници. За среќа, сите успеале да избегаат од пештерата навреме.

За нешто повеќе од две недели, колку што поминаа во поплавената пештера Там Луанг, тајландските момчиња и нивниот фудбалски тренер, во просек изгубиле по околу 2 килограми, но нивната општа состојба е добра и не покажуваат знаци на стрес, објави во средата претставник на Министерството за здравство.

Во меѓувреме, на родителите на четирите момчиња, кои во неделата први беа извлечени од пештерата, им беше дозволено да ги посетат, но морале да носат заштитни костуми и од нив да бидат оддалечени околу два метра.

Премиерот Прајут Чан-оча побара од јавноста на децата да им се овозможи доволно време и простор целосно да закрепнат.

„Важно е да им се даде доволно простор и да им се овозможи непречено да продолжат да учат“, изјави тој за новинарите.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари