На насловната страница на израелскиот дневен весник „Хаарец“ беа објавени фотографии од 67 палестински деца и тинејџери кои ги загубија своите животи во последните судири меѓу Израел и Појасот Газа.

„Ова е цената на војната“, стои на насловната страница на весникот, заедно со портретите на убиените.

Дневниот весник, најстариот во Израел, во соработка со „Њујорк тајмс“, објави фотографии, година и приказни за жртвите на возраст од шест месеци до 17 години.

Вкупно 254 Палестинци се убиени во израелското бомбардирање, според Министерството за здравство на Газа, а една четвртина од загинатите се деца, пренесува порталот „Индекс“.

„Хаарец“ ги објави приказните за убиените помалку од една недела по стапувањето во сила на прекинот на огнот, ставајќи крај на последната ескалација на палестинско-израелскиот конфликт, во време кога Израел е во политичка криза поради четвртиот неуспешен обид на премиерот Бенјамин Нетанјаху да формира влада за две години.


makfax.com.mk