logo
logo
logo

Израелската војска уништи стан на палестински затвореник, има повредени

Vecer | 08.06.2023

Израелската војска уништи стан на палестински затвореник, има повредени

Три лица се повредени во пукотницата рано утринава, соопшти палестинското Министерство за здравство. Еден фоторепортер е ранет од куршум во главата, јави палестинската новинска агенција ВАФА.

Израелската армија на Твитер објави дека безбедносните сили го уништиле домот на затворениот атентатор одговорен за бомбашките напади во Ерусалим во кои загинаа две лица, а десетици други беа ранети во ноември.

За време на операцијата избувнаа немири, а војниците користеа боева муниција во судирите со жителите на градот на Западниот Брег. Станот се наоѓа на прв кат во четирикатница.

Врховниот суд во Ерусалим го одби барањето да се запре уништувањето.

Израел го користи уништувањето на домовите како казнена и застрашувачка мерка. Организациите за човекови права сметаат дека ова е колективна казна и кршење на меѓународното хуманитарно право.

Безбедносната ситуација во Израел и на палестинските територии одамна е крајно напната. На Западниот Брег постојано има судири меѓу Палестинците и израелската армија. Армијата спроведува повеќе рации во областа откако започна серијата напади врз Израелците пред повеќе од една година.

Повеќе од 100 Палестинци загинаа од почетокот на оваа година во операции на израелската армија, судири или свои напади. Исто така, во истиот период во нападите загинаа 18 Израелци, Украинец и Италијанец.

Израел ги освои Западниот Брег и Источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година. Палестинците ги бараат овие области за да основаат своја држава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk