Не е до ѕидот, до перцепцијата е

И покрај обединувањето, Германија се уште е поделена земја

Германија 27 години по обединувањето според перцепцијата на нејзините граѓани и понатаму е поделена на источна и западна Германија

Германија 27 години по обединувањето според перцепцијата на нејзините граѓани и понатаму е поделена на источна и западна Германија.

Според резултатите од најновата анкета за околу две третини од Германците земјата се уште е поделена на поранешниот комунистички источен и западниот дел на земјата.

Истражувањето, што за германскиот весник „Билд" го спроведе институтот ИНСА, покажува дека 64,6 отсто од испитаниците сметаат дека меѓу Германците и понатаму постојат такви поделби, додека 22,9 отсто од нив сметаат дека поделбите сепак се надминати.

Дури 74 отсто од Германците во поранешна Источна Германија денес гледаaт „невидлива граница", додека такво мислење има 62,3 отсто од испитаниците кои живееле во некогашна Западна Германија.

Дека поделбите не исчезнале покажуваат и резултатите од изборите на 24 септември, на кои ултра десничарска Алтернатива за Германија (АфД) освои 12,6 отсто. АфД најголема поддршка доби во поранешната Источна Германија, каде во три изборни единици нејзините кандидати добија најголем број гласовите. АфД првпат влезе во Парламентот, а нејзината платформа e заснована на паролата „да ја вратиме нашата земја".

По обединувањето на Германската Демократска Република и Сојузна Република Германија, 3 октомври се слави како Ден на државноста на Германија. Германците спојувањето во 1990 година го нарекуваат – Повторно обединување на Германија (Deutsche Wiedervereinigung), поради дистинкцијата во однос на обединувањето од 1871 година.

Повторното обединувањето на Германија е настан кој означува крај на блоковската поделба на светот, односно завршување на Студената војна.

По поразот на Германија во мај 1945 година земјата не е анектирана или укината, туку делови на Германија се ставени под заедничка управа на победничките сили во Втората светска војна.

На Конференцијата во Јалта и со Берлинската декларација во 1945 година според прелиминарните договори против коалицијата на Хитлер, Германија е поделена на четири окупациски зони на СССР, САД, Велика Британија и Франција.

Источногерманскиот режим почна да се урива пролетта 1989 година, кога Унгарија ја отвори границата кон Австрија, со што настана дупка во Железната завеса. Оттогаш Германците од Источна Германија можеа преку Унгарија и Австрија да заминат на запад. На 9 ноември истата година падна Берлинскиот ѕид, со што беа отворени границите меѓу тогашните Германска Демократска Република и Сојузна Република Германија,

Обединувањето на Германија резултираше со големи надежи дека покрај завршувањето на Студената војна и блоковската поделба ќе се стави крај и на тоталитарните системи.

Попознат историски настан е 9 ноември, падот на Берлинскиот ѕид. Но 9 ноември не е прогласен за службен празник бидејќи на тој датум 1923 година се случи „пивнички пуч", неуспешниот обид за државен удар од страна на лидерот на нацистите Адолф Хитлер, како и поради злогласната Кристална ноќ во 1938 година, кога нацистите извршија огромно насилство врз германските Евреи.

Поврзани

Најнови вести

Коментари