„Европскиот совет штотуку одлучи да им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија. Историски момент, денес означува клучен чекор на вашиот пат кон ЕУ“, напиша на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Мишел, исто така, објави дека лидерите ја препознале европската перспектива на Грузија и подготвеноста да ѝ додели кандидатски статус кога таа ќе ги реши преостанатите приоритети.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја единствен и историски момент во билатералните односи. Дваесет и седум лица ја донесоа одлуката на редовен самит, а претходно денеска, одлуката ја изгласаа пратениците во Европскиот парламент.

Украина поднесе барање за членство на 28 февруари, четвртиот ден од руската инвазија, по што Молдавија и Грузија тоа го побараа на 3 март. Европската комисија минатата недела издаде мислење за трите барања и му препорача на Советот на ЕУ да ја потврди нивната перспектива. Оваа одлука ќе се донесе со согласност на Европскиот парламент.