logo
logo
logo

Холандија ја прекина вакцинацијата со „астра зенека“ на лица помлади од 60 години по смртта на една жена

Vecer | 02.04.2021

Холандија ја прекина вакцинацијата со „астра зенека“ на лица помлади од 60 години по смртта на една жена


Властите во Холандија денес ја прекинаа вакцинацијата со вакцината на „Астра зенека“ на лица помлади од 60 години, по смртта на една жена откако била вакцинирана со вакцината, пишува „Ројтерс“.

Како резултат на таа одлука, околу 10.000 закажани термини за вакцинација ќе бидат откажани.

„Во Холандија, една жена почина откако беше вакцинирана со ‘астра зенека’, таа имаше комбинација на белодробна емболија и мал број на тромбоцити“, објави денеска Центарот за несакани ефекти „Лареб“.

Досега во Холандија, откако биле вакцинирани со „астра зенека“, вкупно пет жени на возраст од 25 до 65 години имале тромбоза и низок број на тромбоцити.

Според Центарот „Лареб“ има пет случаи на дадени 400.000 дози вакцини. До тромбоза и низок број на тромбоцити дошло помеѓу 7 и 10 дена по вакцинацијата.

Тромбозата е болест на васкуларниот систем при која доаѓа до згрутчување на крвта и формирање на тромб. Белодробна емболија е формирање на тромб во белите дробови.

„Лареб“ наведува дека три жени, вклучувајќи ја и онаа која починала, имале пулмонална емболија, четвртата имала мозочно крварење, а петтата имала тромбоза на абдоминалната вена.

Симптомите кај сите пет жени наликувале на тромбоцитопенија (ХИТ), односно прекумерна реакција на имунолошкиот систем при која телото произведува антитела против сопствените тромбоцити.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk