logo
logo
logo

Хаос во Ерменија! Масовни протести откако премиерот ја обвини армијата за државен удар (ВИДЕО)

Vecer | 25.02.2021

Хаос во Ерменија! Масовни протести откако премиерот ја обвини армијата за државен удар (ВИДЕО)

Илјадници Ерменци денеска излегоа на улиците на Ереван откако премиерот Никола Пашинијан ја обвини армијата за обид за државен удар.

Русија, ерменски сојузник со воена база во земјата, објави дека е загрижена за тензиите во поранешната советска република и повика на смирување на ситуацијата во согласност со Уставот.

Пашинијан, 45, се соочува со повици за негова оставка поради, како што велат критичарите, поразот во крвавиот шестнеделен конфликт меѓу азербејџанските и ерменските сили минатата година.

Тој е под притисок на опозицијата откако Азербејџан ја победи Ерменија во војната за покраината Нагорно Карабах, што заврши со договор за прекин на огнот на 10 ноември, со кој на Азербејџан му биле дадени големи делови од територијата во планинската зона Кавказ, на која двете земји полагаат права.

Пашинијан е поранешен новинар кој дојде на власт во мирната револуција во мај 2018 година и одбива да си даде оставка и покрај протестите на опозицијата. Тој рече дека ја презема одговорноста за она што се случи, но сега треба да се обезбеди сигурност во земјата.

Денеска ерменската армија го повика да се повлече.

„Неефикасното раководство на сегашната власт и сериозните грешки во надворешната политика ја доведоа земјата на работ на колапс“, соопшти војската.

Војската го осуди разрешувањето на помошникот генерал Гаспаријан и го опиша потегот како „неодговорен, неоснован и штетен за државата“.

Двајца поранешни претседатели, Роберт Кочаријан и Серж Саркисјан, ги повикаа Ерменците да и дадат поддршка на армијата. Сè уште не е познато дали армијата е подготвена да употреби сила за да го поддржи својот повик за оставка на Пашинијан. Тој ги повикал своите приврзаници да се соберат во центарот на главниот град Ереван, по што и се обрати на нацијата преку пренос во живо на Фејсбук.

„Најважно сега е да се задржи власта во рацете на народот, бидејќи верувам дека ова што се случува е воен удар“, рече Пашинијан.

Потоа се појавил со сопругата, синот и ќерката пред зградата на владата каде биле собрани неколку илјади негови приврзаници. Тој рече дека е клучно да се избегнат конфликти и покрај растечките тензии.

"Ние немаме непријатели во Ерменија. Имаме само браќа и сестри", додаде премиерот.

Неколку илјади приврзаници на опозицијата организирале протест на опозицијата на друга локација во главниот град. Толпата скандирала и аплаудирала кога борбен авион прелетал над нив, пренесе руската новинска агенција РИА.

Араџик Харутјунјан, претседател на енклавата Нагорно-Карабах, понуди да посредува меѓу Пашинијан и Генералштабот.

„Веќе пролеавме доволно крв. Време е да ги надминеме кризите и да продолжиме понатаму“, рече тој.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров му рече на ерменскиот колега во телефонски разговор дека Москва смета дека кризата е внатрешно прашање на Ерменија, но се надева дека ќе се реши по мирен пат, соопштило руското Министерство за надворешни работи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk