logo
logo
logo

Голема акција на чешката полиција: Уапсени лица кои биле под директива на руската тајна служба

Vecer | 21.04.2021

Голема акција на чешката полиција: Уапсени лица кои биле под директива на руската тајна служба

Ноќта од вторник кон среда чешката полиција почна голема акција.

Според чешките медиуми, во акцијата биле уапсени повеќе од 10 чешки државјани, кои работеле под команда на агенти на руската тајна служба ГРУ, за која се верува дека спроведува хибридни воени операции низ целиот свет.

Стотици полицајци учествувале во ноќната операција на чешките безбедносни сили.

Чешката полиција се сомнева дека уапсените организирале патувања на чешки граѓани во украинскиот регион Донбас, каде учествувале во борбите на страната на проруските сепаратисти, под наредба на ГРУ.

Чешка во саботата протера 18 руски дипломати кои ги идентификуваше како персонал на тајните служби. Русија одговори во понеделникот со протерување на дваесет чешки дипломати како одмазда.

Зад одлуката на чешкиот премиер Андреј Бабиш да ги протера руските дипломати стои откритието за серијата мистериозни експлозии што се случија во складиште за муниција во 2014 година во местото Врбетице, 330 километри југоисточно од Прага.

За експлозијата најпрво се сметаше дека е несреќен случај. Но, како што објавија чешкиот премиер Бабиш и министерот за надворешни работи, Јан Хамачек, чешките власти сега се сомневаат дека руските разузнавачки служби ја предизвикале експлозијата.

„Постои основано сомнение за вмешаност на официри на руската разузнавачка служба ГРУ, единица 29155, во експлозијата на складиштето за муниција во областа Врбетица“, рече Бабиш на состанокот eмитуван во живо на телевизија.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk