logo
logo
logo

Германците му попуштаат на Путин за Калининград: Ова е тежок пораз за целата ЕУ

Vecer | 02.07.2022

Германците му попуштаат на Путин за Калининград: Ова е тежок пораз за целата ЕУ

Како што дознава Шпигел, Европската комисија подготвува документ со кој се појаснува примената на тие санкции, во кој се наведува дека на Москва ќе и бидат дозволени транзитни рути за сите производи, но во ограничени количини, оние кои се споредливи со испораките од времето пред агресијата врз Украина. .

Кога ЕУ воведе санкции, а Литванија почна да ги запира испораките за Калининград од 17 јуни, тоа предизвика силни тензии меѓу Русија и Брисел, како и поделби во самата Европска унија околу тоа кој е вистинскиот начин да се пријде на Москва.

Имено, со примена на санкциите, Литванија ги оневозможи испораките по железница и патишта (но воздушните и поморските патишта останаа надвор од опсегот на санкциите). Во очите на Русија , тоа беше блокада на Калининград, а на државната телевизија се слушаа повици за тоа да се реши ситуацијата со воена инвазија.

Како што пишува Шпигел, начинот на кој Комисијата ги формулирала своите појаснувања во голема мера е во согласност со позициите на германската влада, која го критикуваше начинот на кој Литванија ги применува санкциите кон Калининград. Германскиот канцелар Олаф Шолц секако сакал да избегне „непотребни руски провокации“ и повторил дека ќе направи сѐ што е во негова моќ за да спречи НАТО да стане страна во војната меѓу Русија и Украина.

„Литванија не го промени својот став“, велат за „Шпигел“ извори блиски до литванската влада и не го кријат незадоволството од потезите на Берлин.

„Од 18 јуни, Германците вршат притисок врз Комисијата да се погрижи санкциите да не се применат на Калининград“, вели претставник на Литванија запознаен со преговорите.

Инаку, додава германскиот неделник, германски војници се стационирани во Литванија и би можеле да бидат вклучени во евентуален конфликт.

Како што објасни Шолц на неодамнешниот самит на НАТО, правилата за транзит на стоки мора да се утврдат со оглед на фактот дека тоа се испораки меѓу два дела на Русија, а не извоз во ЕУ (иако во формална смисла Русија мора прво да увезе стока во ЕУ, односно Литванија, а потоа повторно се извезува во Русија).

Иако Комисијата првично рече дека Литванија постапува во согласност со режимот на санкции, по жестоката дискусија сега јасно подготвува поинакво толкување на примената на санкциите. Во Вилнус тоа го сметаат за пораз, а згора на тоа политикологот Довиле Јакниунајте оценува дека Русија успеала да ја заплаши Европската комисија. „Веќе не станува збор за неколку железнички вагони. Сега се чини дека заканите за Русија се исплатат“, рече тој, додавајќи дека мисли дека Москва ќе ја искористи секоја можност да ги подели Европејците и во иднина.

Поради конфликтот со Москва, литванските железници процениле дека досега изгубиле 150 милиони евра, а од 9.000 вработени ќе бидат отпуштени околу 2.000.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk