Во периодот од јули до септември, економијата пораснала за 0,3 отсто во однос на претходните три месеци, според прелиминарната проценка на заводот за статистика, благодарение на добрите резултати на услужниот сектор по укинувањето на најголемиот дел од пандемските ограничувања, забележа Бундесбанката.

Во зимската половина од годината активноста најверојатно ќе се намали, оценуваат тие, нагласувајќи дека трошоците за енергија и неизвесното снабдување претставуваат тежок товар за компаниите. Слабеењето на светската економија ќе се одрази и на германскиот извоз, иако пополнетите нарачки и ублажените проблеми во синџирите на снабдување донекаде ја амортизираат намалената побарувачка.

Високата инфлација ја инхибира личната потрошувачка, а со тоа и активноста во услужните компании во директен контакт со граѓаните, предупредуваат тие. „Инфлацијата би можела да остане двоцифрена и по транзицијата кон новата година“, проценува Бундесбанк во својот месечен извештај објавен денеска.

Државната поддршка за граѓаните со високи сметки за гас ќе го олесни товарот во декември, но се уште не е јасно колку тоа ќе се одрази на официјалната пресметка на цените, а со тоа и на стапката на инфлација, нагласуваат оттаму. Во октомври инфлацијата се искачила на 10,4 отсто и за прв пат од 1950-тите била изразена со двоцифрена вредност.

Дополнителен стимул на инфлацијата може да биде спиралата што се јавува откако растот на цените резултира со повисоки плати, а повисоките плати резултираат со посилен раст на цените. Синдикатите и компаниите неодамна се договараат за зголемување на платите, забележуваат оттаму.

Така синдикатот на работниците во јавниот сектор и вработените во сојузната администрација и локалната самоуправа бара зголемување на платите за 10,5 отсто во следните 12 месеци. Иако барањата за толку големо покачување на платите веројатно нема да бидат прифатени, ризикот од започнување на спиралата е зголемен, заклучуваат тие.