logo
logo
logo

Германија се затвора за велигденските празници

Vecer | 23.03.2021

Германија се затвора за велигденските празници

Германија ги продолжи рестриктивните мерки до 18 април и ги повикува граѓаните да останат дома пет дена за време на велигденските празници во обид земјата да го спречи третиот бран на пандемијата.

„Ние сме во нова пандемија поради ширењето на новите варијанти на коронавирусот. Имаме суштински нов вирус, се разбира од ист тип, но со сосема различни карактеристики, многу посмртоносен, многу позаразен“, рече канцеларката Ангела Меркел.

Според новата одлука, Германија ги продолжува ограничувањата за уште еден месец и воведува некои построги мерки за време на велигденските празници во обид да се запре ширењето на коронавирусот.

Повеќето продавници ќе бидат затворени, а верските служби ќе бидат откажани за велигденскиот викенд од 1 до 5 април.

Собирите, како и рестораните на отворено, ќе бидат забранети од 1 до 5 април, а само продавниците за храна можат да бидат повторно отворени на 3 април.

Покрај тоа, голем број ограничувања што се во сила од крајот на 2020 година, како што се забраната на приватни собири, затворањето на културните објекти и ноќните клубови, се продолжени до 18 април.

„Ситуацијата е сериозна, бројот на случаи експоненцијално расте и креветите на интензивна нега се полнат“, рече канцеларката на прес-конференција по 12-часовните разговори со гувернерите.

Таа рече дека станува збор за експоненцијален раст на епидемијата предизвикан од британскиот вид на вирусот.

Стапката на инфекција во Германија вчера надмина 107,3 ​​случаи на 100.000 жители, со нови 7.700 случаи и 50 смртни случаи.

„Ние сме во трка што побрзо да се вакцинираме“, рече канцеларката. Додаде дека ситуацијата ќе биде подобра кога ќе се вакцинираат повеќе луѓе.

Во Германија, само околу девет проценти од населението се вакцинирани со првата доза на вакцината, а четири проценти ги примиле двете дози.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk