Со повеќе од 40 синдикати

Генерален штрајк во Каталонија поради полициската бруталност

Ширум Каталонија во текот на гласањето во неделата беа повредени повеќе од 800 луѓе во судири меѓу шпанската полиција и граѓаните.

Повеќе од 40 синдикати и здруженија во Каталонија денеска ќе штрајкуваат поради грубото прекршување на правата и слободите на луѓето во текот на полициската акција за спречување на одржување на референдумот за независност на оваа шпанска покраина.

Ширум Каталонија во текот на гласањето во неделата беа повредени повеќе од 800 луѓе во судири меѓу шпанската полиција и граѓаните.

Денеска ќе штрајкуваат вработените во јавниот превоз, училиштата, болниците, додека аеродромите најавија 24-часовна работа со минимум капацитет.

На генералниот штрајк се приклучија и клубовите од шпанската фудбалска лига од Каталонија – Барселона, Еспањол и Џирона.

На штрајкот ќе се приклучат и неколку културни установи, јавни универзитети, Музејот на современа уметност, како и концертната сала „Палау" и катедралата „Саграда Фамилиа", пренесува мадридскиот весник „Паис".

Мадрид и Европската комисија го прогласија референдумот за неуставен. Каталонските власти соопштија дека на референдумот гласале 2,2 милиони луѓе, а 90 отсто од нив гласале за отцепување од Шпанија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари