logo
logo
logo

Гебрејсус предупредува дека светот може да се соочи со поопасен вид коронавирус

Vecer | 21.07.2021

Гебрејсус предупредува дека светот може да се соочи со поопасен вид коронавирус

Говорејќи на 138-та седница на Меѓународниот олимписки комитет, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, предупреди дека може да се појави нов вид коронавирус во светот, што ќе биде дури и поопасен од варијантата делта.

„Колку поголемо пренесување, толку повеќе варијанти ќе се појават со потенцијал да бидат дури и поопасни од варијантата делта што ровари сега. И колку повеќе варијанти, толку е поголема веројатноста дека една од нив ќе избегне вакцини и ќе нè врати на почеток“, вели тој.

Гебрејсус ја смета пандемијата со Ковид-19 за тест со кој глобалната заедница не успева да се справи и ова може да доведе до понатамошно ширење на заразата во светот.

„Често ме прашуваат кога ќе заврши оваа пандемија? Пандемијата со Ковид-19 ни постави многу прашања за нас самите и за нашиот свет. Таа е тест. И светот паѓа на тој тест“, посочи тој.

„Во времето што ми требаше да го кажам ова, повеќе од 100 луѓе ќе ги загубат своите животи од Ковид-19. И додека олимпискиот оган биде изгаснат на 8 август, повеќе од 100 илјади луѓе ќе починат“, продолжи тој.

Гебрејсус е сигурен дека недостигот од вистинска посветеност кај политичарите е причината што светот сè уште не е во можност да се справи со пандемијата и покрај тоа што ги има сите потребни инструменти.

„Особено владите на земјите од Г-20 мора да покажат лидерство за да обезбедат итно зголемување и распоредување на алатките потребни за спасување животи“, рече тој.

„Ако одлучат, водечките светски економии би можеле да ја стават пандемијата под контрола на глобално ниво за неколку месеци со споделување вакцини преку КОВАКС, финансирање на АКТ акцелераторот и стимулирање на производителите да сторат се што е потребно за да се зголеми производството“, посочи шефот на СЗО.

Во својот говор, тој посочи дека главната цел на СЗО во борбата против Ковид-19 е да се вакцинираат 70 отсто од населението во секоја земја во светот до септември 2022 година, но за да се постигне ова, ќе бидат потребни 11 милијарди дози вакцини.

Ризикот од нови видови на коронавирус, кои ќе станат поопасни и позаразни, претходно беше нагласен и од Комитетот за итни случаи на СЗО, кој посочи дека ќе биде потешко тие да се контролираат и дека патогенот продолжува да мутира.

Неодамна беше известено за постоење делта-плус варијанта.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk