Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека ЕУ е подготвена да го разгледа секој предлог што ќе доведе до побрз крај на пандемијата на Ковид-19, вклучувајќи го и предлогот на САД за размена на технологии за производство на вакцини.

„Подготвени сме да го разгледаме прашањето за укинување на интелектуалната сопственост кога станува збор за вакцините, ако тоа може да придонесе за целта“, рече Фон дер Лајен во своето видеообраќање до Универзитетот на Европскиот институт.

Таа оцени дека кампањата за вакцинација го покажа својот успех и дека денес Европа достигна и надмина многу делови од светот според бројот на вакцинирани, но и извозот на вакцини.

„Во Европа 30 граѓани се вакцинираат секоја секунда. Ние вакцинираме 30 милиони луѓе на ден. Во јули ќе можеме да ја постигнеме нашата цел, што е 70 проценти од вакцинираната возрасна популација“, рече Фон дер Лајен.

Таа оценува дека индивидуалната набавка на вакцини во земјите членки политички ќе ја раскине ЕУ, со огромни последици врз единствениот пазар и економијата.

Претседателката на ЕК наведува дека ЕУ, со својата заедничка политика за набавка на вакцини, досега успеа да обезбеди 200 милиони дози за своите граѓани и да дистрибуира уште толку низ целиот свет.

Таа ги повика сите земји во светот каде што се произведуваат вакцини против Ковид-19 да дозволат извоз на вакцини по примерот на ЕУ.

„Европа е аптека на светот денес и ние сме горди на тоа“, заклучи Урсула фон дер Лајен.

makfax.com.mk