logo
logo
logo

ПОСЛЕДИЦИ ОД ЕЛ НИЊО: Наместо зима, во оваа земја пристигна лето, луѓето се по плажите, а се подготвува потенцијална катастрофа

Vecer | 09.06.2026

ПОСЛЕДИЦИ ОД ЕЛ НИЊО: Наместо зима, во оваа земја пристигна лето, луѓето се по плажите, а се подготвува потенцијална катастрофа

Наместо вообичаената свежина што ја носат мај и јуни, главниот град на Перу, Лима, доживува вистинско летно време. Температурите се искачија на околу 27 °C, па луѓето се собраа на плажите и пливаа во океанот. Температурата на морето по должината на брегот се искачи за речиси 5,5 °C над просекот, а во градот Паита на северот од Перу дури 7,9 °C над вообичаените вредности.

Причината е бран на рекордно топла вода под површината на океанот што се движи низ Пацификот во последните два месеци и сега стигнува до перуанскиот брег. Тој бран е поврзан со развојот на феноменот Ел Нињо, кој, според најновите модели, би можел да стане најсилниот забележан во историјата, пишува The Washington Post.

Абрахам Леви, директор на метеоролошка консалтинг фирма во Перу, ја опиша океанската топлина како „нешто незамисливо во нормална година“ и рече дека Перуанците ја следат ситуацијата со загриженост, дури и додека го користат пријатното време за да бидат на отворено.

Што точно е Ел Нињо?

Ел Нињо е природен климатски феномен што се јавува кога површинските води во централниот и источниот Тихи Океан се загреваат повеќе од вообичаеното, а тоа потоа влијае на временските обрасци низ целиот свет.

Нормално, пасатните ветрови (постојани ветрови) ја туркаат топлата вода кон западниот Пацифик, во близина на Австралија и Индонезија. За време на Ел Нињо, овие ветрови ослабуваат или ја менуваат насоката, па топлата вода се движи кон бреговите на Јужна Америка.

Последиците од Ел Нињо можат да бидат различни: обилни дождови и поплави во делови од Јужна Америка, суши во Австралија, Индонезија и некои делови од Африка, поблаги зими во некои области на Северна Америка, но исто така, на пример, промени во риболовот бидејќи потоплата вода ги менува морските екосистеми.

Ел Нињо обично се јавува на секои 3 до 5 години и трае од неколку месеци до една година. Да споменеме и дека постои и неговата спротивност, Ла Ниња, кога водите на Пацификот се постудени од вообичаеното. И двата феномена се дел од поширок климатски систем наречен ENSO (Ел Нињо-Јужна осцилација).

Најсилниот во историјата?

Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF) објави нови прогнози според кои температурата во централниот дел на екваторијалниот Пацифик би можела да се зголеми за дури 3,5 °C над просекот до ноември.

Ова би го надминало рекордот од 2015 и 1877 година, а влијанијата би можеле да се почувствуваат до 2027 година.

Во некои делови од светот, како што е Перу, последиците се веќе видливи.

„Последиците веќе се чувствуваат во риболовниот сектор поради прекинот на индустрискиот риболов на инчуни, една од најголемите риболовни активности во светот“, рече Леви.

Леви предупредува дека ненадејното затоплување на крајбрежните води, локално познато како Ел Нињо Костеро, носи „потенцијал за катастрофални врнежи од дожд по должината на перуанскиот брег“, особено за време на дождовната сезона, која трае од декември до април.

„Силен или многу силен Ел Нињо Костеро е прашање од големо значење за националната безбедност на Перу“, рече тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk