logo
logo
logo

Европа се отвора за сите комплетно вакцинирани!

Vecer | 19.05.2021

Европа се отвора за сите комплетно вакцинирани!

Претставниците на земјите-членки на ЕУ во средата постигнаа договор да се дозволат влез во ЕУ за патниците од трети земји кои ги примиле потребните дози на вакцината Ковид-19 одобрена на европско ниво, пренесува AFP.

Како што се приближува летната туристичка сезона, амбасадорите на 27-те земји-членки го одобрија предлогот на Европската комисија, чие спроведување не е обврзувачко.

Се очекува Европската унија целосно да ги отвори своите граници за целосно вакцинираните до почетокот на јуни. Поради масовните вакцинации низ земјите-членки на ЕУ, Европската комисија донесе одлука дека е време да се олеснат мерките за патување.

Но, во случај на нагло влошување на состојбата во некоја од земјите или регионите, тие се подготвени повторно да воведат строги мерки.

Обврската за тестирање на корона пред и по пристигнувањето или карантинот сè уште ќе важи во некои земји-членки, но ЕУ вели дека овие мерки постепено ќе се релаксираат со напредувањето на вакцинацијата и подобрувањето на состојбата во некои земји.

Португалија и Грција веќе се меѓу земјите кои прифаќаат целосно вакцинирани од Велика Британија, но со овој потег ЕУ сака дополнително да го прошири тој список на земји за да им помогне на сите во текот на претстојната туристичка сезона.

Лидерите на ЕУ не успеаја да ги завршат преговорите за воведување на дигитални зелени сертификати, кои би започнале со спроведување на планот за спас на претстојната туристичка сезона, но преговорите ќе продолжат утре.

„Европратениците од Европскиот парламент, Европската комисија и владите на земјите-членки ќе продолжат со преговорите во четврток“, рече португалското претседателство со ЕУ.

Дигиталниот сертификат може да овозможи повеќе земји на ЕУ да патуваат во рамките на Унијата кон крајот на јуни, дури и додека трае пандемијата на коронавирусот.

Таканаречениот дигитален зелен сертификат ќе биде доказ дека лицето е вакцинирано против ковид-19, дека има негативен резултат од тест или дека ја надминал болеста.

Ова беше воведено за да се избегне дискриминација на луѓе кои не можат да се вакцинираат.

Целта на потврдата е што побрзо укинување на мерките што се во сила во моментот кога станува збор за патување меѓу земјите.

Сепак,  секоја од 27-те земји-членки има право да одлучи кои придобивки ги носи сертификатот во рамките на нејзините граници.

Германската европратеничка Корнелија Ернст рече дека „пратениците не успеаја да се договорат за клучни прашања“.

„Дискусиите продолжија да се вртат околу клучните точки, како што е барањето на Европскиот парламент за пристап до бесплатни тестови за сите“, рече Ернст по разговорите.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, една шестина од возрасната популација на Европската унија сега е вакцинирана со обете дози.

Комисијата има за цел да го зголеми тоа на 70 проценти до септември.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk