logo
logo
logo

На Европа и се заканува дрога од пеколот која веќе однесе десетици илјади животи: „Тоа е кокаинот на иднината“

Vecer | 06.02.2023

На Европа и се заканува дрога од пеколот која веќе однесе десетици илјади животи: „Тоа е кокаинот на иднината“

На Европа и се заканува поплава од фентанил, синтетичка дрога, кој уби повеќе од 70.000 луѓе во САД во 2021 година, главно млади луѓе и тинејџери.

Прва на линијата на новата нарко војна е Белгија, како главна влезна точка за наркотици кои пристигнуваат од Латинска Америка.

- Фентанил е поголема закана од хероинот или кокаинот. Фентанил е кокаинот на иднината - изјави за лондонски Time of London, шефот на белгиската царина Кристијан Вандерварен.

Серијата рации за запленување на мали количини фентанил во Европа во последните месеци ги зголеми стравувањата дека дрогата, која го уби музичарот Принс, се проширила во Европа додека мексиканските картели се обидуваат да создадат нов пазар.

Минатата година Белгија заплени рекордни 110.000 килограми кокаин во пристаништето Антверпен, количина што далеку ја надминува 10-те грама фентанил запленети на аеродромот во Брисел.

Но, бројките се погрешни бидејќи само три милиграми фентанил, кој е 50 пати посилен од хероинот, може да биде смртоносна доза.

- Со тие 10 грама фентанил може да убиете 3.000 луѓе во Белгија - предупреди Винсент Ван Квикенборн, белгискиот министер за правда кој живее под полициска заштита откако минатата есен беше откриен обидот за негово киднапирање.

Два картели ги контролираат двата пазари

Винсент Ван Квикенборн истакнува дека картелите Синалоа и Халиско одлучиле фентанилот да оди во САД, а кокаинот во Европа.

- Но тие два картели ги контролираат двата пазара. Навистина им е лесно да ги користат истите линии за снабдување и затоа нашата царинска служба е многу, многу внимателна. Подготвени сме за полоши времиња – изјави Ван Квикенборн.

Тој е загрижен дека картелите Синалоа и Халиско би можеле да се обидат да создадат нов пазар со мешање на фентанил со кокаин, кој сè уште е популарен во Европа.

- Фентанилот е многу евтин, а употребата на кокаин е широко распространета во Европа, повеќе отколку во САД. Тоа би можело да биде следното нешто - тврди Ван Квикенборн.

Белгискиот министер за правда ќе биде домаќин на американските безбедносни агенции на состанокот на Европската коалиција против недозволени дроги во април, на кој ќе учествуваат и претставници од Шпанија, Италија, Германија, Франција и Холандија.

Фентанил е екстремно силен синтетички опиоиден аналгетик (аналгетик против болки), кој е доста сличен на морфинот, но е 50 до 100 пати посилен од него. Создаден е во 1959 година од др. Пол Јансен, белгиски хемичар и основач на Janssen Pharmaceutica.

Во последниве години, оваа синтетичка дрога се разви во извозен хит за мексиканските нарко картели.

Една од причините е пониската цена на производството во споредба со традиционалните дроги.

Еквивалент на еден тон хероин во фентанил тежи само 20 килограми, а мексиканските лаборатории можат да произведат стотици илјади дози неделно.

Потребни се само два часа за да се произведе еден килограм фентанил. Просечната цена на килограм фентанил во Мексико е 5.000 долари, додека во американските градови како Лос Анџелес, истата количина се продава за 200.000 долари.

Поисплатливa од хероинот

- Фентанил е далеку поисплатлив од хероинот поради вродените предности на синтетичките дроги. Со синтетика, можете едноставно да произведувате се повеќе и повеќе залихи ако имате хемикалии, лаборатории и техничари - изјави за Тајмс Џереми Даглас, шеф на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за Азија.

Иако фентанил главно се произведува во Мексико, хемикалиите за неговото производство (прекурсори) доаѓаат од Азија, главно од Кина, Индија, Тајланд и Виетнам.

Експертите велат дека соработката со Кина ќе биде клучна за напорите да се запре протокот на фентанил на европскиот континент, но дијалогот со Пекинг често е попречен од политички тензии.

- Од наша страна, Кина направи се што е можно, од добра волја, да им помогне на САД да го решат овој проблем - изјави за Newsweek Кин Ганг, кинескиот министер за надворешни работи.

„Иако хероинот останува најчесто користениот недозволен опиоид во Европа и дрогата одговорна за повеќето смртни случаи поврзани со дрога, постои зголемена загриженост за улогата на синтетичките опиоиди во европскиот проблем со дрогата. Дериватите на фентанил преставуваат особена загриженост поради централна улога во проблемот со опиоидите во Северна Америка. Смртните случаи поради консумација на фентанил се пријавени во Европа, а во минатото дериватите на фентанил беа најчестата форма на дрога што се консумира во Естонија, а понекогаш и пријавувана од други земји“, се наведува во извештај, кој е објавен минатата година од Европскиот центар за следење на дрога и зависност од дрога (EMCDDA).

Извор: Јутарњи

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk