logo
logo
logo

ЕУ воведе санкции против официјални лица од Кина, Русија и Мјанмар

Vecer | 22.03.2021

ЕУ воведе санкции против официјални лица од Кина, Русија и Мјанмар

Во Брисел, министрите за надворешни работи на ЕУ одобрија санкции против официјални лица во Кина, Мјанмар и Русија поради кршење на човековите права.

Четворица кинески официјални лица и еден државен субјект се наоѓаат на црната листа поради насилството врз ујгурското малцинство, откако амбасадорите дадоа зелено светло минатата недела.

Ова е многу важен симболичен потег, бидејќи Брисел за првпат и воведе санкции на Кина поради кршење на човековите права откако воведе ембарго за оружје во 1989 година по задушувањето на демонстрациите на плоштадот Тјенанмен, пренесува „Франс прес“.

Кинеското Министерство за надворешни работи предупреди дека силно ќе реагира на какви било активности на официјален Пекинг во западниот регион Ксинџијанг.

Мерките се дел од пакетот санкции за кршење на човековите права насочени кон десетина лица, во кој се вклучени и поединци во Русија, Северна Кореја, Еритреја, Јужен Судан и Либија, соопштија дипломатите.

„Ова е многу важен чекор што покажува колку сме посветени“, рече словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок.

Механизмот – дизајниран да и олесни на Европската Унија да ги казнува оние што ги кршат човековите права – беше покренат овој месец со санкции против четворица руски официјални лица поради затворањето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални.

Дипломатите изјавија дека најновите санкции против Русија ќе бидат насочени кон поединци кои стојат зад злоупотребите во Чеченија, со која владее лојалистот на Кремљ, Рамзан Кадиров.

ЕУ исто така ќе го замрзне имотот и ќе забрани визи за 11 претставници на хунтата во Мјанмар поради воениот удар минатиот месец и репресијата врз демонстрантите.

„Ова ниво на насилство е неприфатливо“, рече германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

„Затоа нема да можеме да избегнеме воведување санкции“, посочува Мас.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk