Ситуацијата во медиумите е загрижувачка во Унгарија, Полска и Словенија, каде што се задушуваат медиумските слободи и се напаѓаат новинарите, изјави Вера Јурова, потпретседателка на Европската комисија (ЕК), но и мнозинството пратеници во Европскиот парламент (ЕП).

„Пандемијата на коронавирус покажа повеќе од кога и да е колку е важна улогата на новинарите во информирањето на граѓаните. Потребно е да се поддржува работата на медиумите повеќе од кога било, и да не се врши дополнителен товар или притисок врз нив. Не смее да има политички притисок“, рече Јурова, потпретседателка на ЕК за вредности и транспарентност.

„За жал, во последните месеци се случуваат загрижувачки настани“, рече Јурова во дебатата на пленарната седница на ЕП на тема обиди на владите да ги замолчат медиумите во Полска, Унгарија и Словенија.

Отпрвин беше планирано да се разговара само за состојбата со медиумските слободи во Унгарија и Полска, но по предлог на социјалдемократите, дискусијата се прошири и на Словенија.

Имено, владата на премиерот Јанез Јанша сè повеќе е цел на критики во Европската Унија. Неговите предвремени честитки до поранешниот американски претседател Доналд Трамп одекнаа силно, како и одлуката да се запре финансирањето на јавната новинска агенција, што се толкуваше како обид да се задуши нејзината независност. Нападите врз новинарката на порталот Политико исто така имаа негативен одек во јавноста.

Унгарија неодамна оневозможи една од последните независни радиостаници, а Полска воведува закон за оданочување на приходите од реклами, што според критичарите е напад врз независноста на медиумите.

makfax.com.mk