logo
logo
logo

ЕУ се спрема РУСИЈА ДА НЕ ГО ЗАПРЕ ВЕНТИЛОТ за гас

Vecer | 07.07.2022

ЕУ се спрема РУСИЈА ДА НЕ ГО ЗАПРЕ ВЕНТИЛОТ за гас

Европската унија мора да се подготви за потенцијално целосно суспендирање на испораките на руски гас, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Ова е причината поради која Комисијата работи на вонреден европски план. Во текот на јули ќе го претставиме тој план и потребните инструменти за негова имплементација“, изјави Урсула фон дер Лајен на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.

Таа ја обвини Русија дека ја користи енергијата како оружје, истакнувајќи дека сега 12 земји од Европската унија се директно погодени од делумно или целосно исклучување на рускиот гас, пренесува Спутник.

Шефот на Европската комисија изјави дека земјите-членки на Европската унија имаат свои национални програми за вонредни состојби, но неопходна е и поширока европска соработка и заеднички акции на сите 27 земји-членки.

„Мораме да бидеме убедени дека во случај на целосно исклучување, гасот ќе продолжи да стигнува онаму каде што е најпотребно. Мораме да бидеме убедени дека можеме да се потпреме на европската солидарност. И мораме да го заштитиме единствениот пазар, како и индустрискиот синџирот на снабдување“, рече Урсула фон дер Лајен.

Таа исто така истакна дека Европската унија ја намалила својата зависност од руските енергетски извори.

„Се оддалечуваме од Русија за да се свртиме кон сигурни извори, кои влеваат доверба“, рече Урсула фон Дер Лајен, наведувајќи дека од март увозот на енергетски производи во Европската унија од различни земји, со исклучок на Русија, е зголемен за 75 проценти во споредба со претходната година.

Според неа, увозот на течен природен гас од САД во ЕУ е речиси тројно зголемен, додека увозот на гас од Русија е намален за една третина во однос на минатата година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk