logo
logo
logo

ЕУ сака да воспостави ново тело за етички прашања

Vecer | 08.06.2023

ЕУ сака да воспостави ново тело за етички прашања

„Луѓето ширум Европа не разликуваат дали скандалот потекнува од една или друга институција. Затоа, ако сакаме да останеме веродостојни во нивните очи, сите ние мора да подлежиме на заеднички етички стандарди“, рече потпретседателката на Комисијата Вера Јоурова на презентирањето на предлогот.

Новото тело во кое ќе членуваат претставници на институциите и пет независни експерти ќе се обиде да договори заеднички стандарди пред европските избори во јуни следната година.

Нема да може да покренува истраги, туку ќе биде задолжено за воспоставување стандарди во однос на прифаќање подароци, платено патување и сместување, средби со лобисти, финансиски интереси и условите под кои може да се прифати ново работно место по завршувањето на мандатот.

Новите стандарди ќе важат за повеќе од илјада позиции во 9 европски институции, вклучувајќи членови на извршниот одбор на Европската централна банка, комесари на Европската комисија, судии на Судот на ЕУ и претставници на Европскиот парламент, министри на членката- држава која што претседава со Советот.

Со формирањето на телото за етички прашања, за првпат ќе има заеднички стандарди за етичко однесување на членовите и формален механизам за координација и размена на мислења меѓу институциите за етичките барања. Целта е да се воспостават заеднички стандарди кои ќе бидат јасни, транспарентни и разбирливи.

По аферата Катаргејт, во која неколку пратеници во Европскиот парламент беа уапсени поради примање мито од катарските власти, довербата во европските институции беше разнишана, па овој предлог е своевиден одговор на таа афера, иако претседателката на Комисијата, Урсула Фон дер Лејен, ја спомена потребата за тоа и претходно откако изби тој скандал.

„Демократијата може да напредува само ако граѓаните имаат доверба во нивните институции“, рече потпретседателката Јоурова.

Предлогот наиде на остри критики како „чиста козметика“, а Комисијата се брани дека има законски ограничувања за формирање тело со посилен мандат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk