Преговарачитe на Советот на Европската унија и Европскиот парламент постигнаа договор за закон за климата според кој до 2030 година Унијата ќе ги намали емисиите на стакленички гасови за 55 проценти во споредба со 1990 година.

„Воодушевена сум што постигнавме договор за овој клучен елемент на Европскиот зелен план. Нашата политичка определба да станеме прв климатски неутрален континент до 2050 година сега е исто така законска обврска“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Според договорот, целта е до 2030 година да се намалат стакленичките гасови за 55 проценти, во споредба со сегашните 40. Договорот ја потврди позицијата на Европскиот совет, кој во декември минатата година го поддржа предлогот на Комисијата за намалување од 55 проценти, додека првичната позиција на Европскиот парламент беше 60 проценти.

„Договорот исто така ја зајакнува нашата глобална позиција како лидер во справувањето со климатската криза. Кога светските лидери ќе се соберат на Денот на планетата Земја, ЕУ ќе излезе со оваа позитивна вест со која се надеваме дека ќе ги инспирираме нашите меѓународни партнери. Ова е добар ден за нашите луѓе и нашата планета“, рече извршниот потпретседател на Комисијата, Франс Тимерманс.

Во преговорите меѓу претставниците на земјите-членки и Европскиот парламент немаше напредок во последните неколку месеци, сè до последниот состанок, кој започна вчера рано попладне и заврши денеска во 5 часот наутро.

Законот допрва треба да биде официјално одобрен од Советот и Европскиот парламент.

makfax.com.mk