Дефинирана е содржината на сертификатот за вакцинација, односно ковид-пасошот на ниво на Европската унија.

Крунослав Цапак, раководител на Хрватскиот институт за јавно здравје, вели дека сертификатот мора да ги содржи името и презимето на вакцинираното лице, земјата од каде што потекнува, името на примената вакцина, датумот на вакцинација, сериски број и каде може да се прочитаат податоците.

„Појавата на сертификатите за вакцинација е дефинирана, но засега тие се користат само за медицински цели, а не за минување на границата. Сега интензивно се дискутира за употребата на сертификати за преминување на границите, сигурно ќе дојде време кога ЕУ ќе ја донесе таа одлука, но сѐ уште постојат многу прашања и контроверзии”, рче Цапак за „Јутарњи лист“, додавајќи дека досега ниту една земја на ЕУ нема донесено одлука за преминување на границата врз основа на вакцинација, но постојат билатерални договори.

„И ние имаме неколку билатерални разговори за признавање на сертификатите за вакцинација“, додаде тој.

Понатаму појасни дека сè уште не е утврдено како визуелно ќе изгледа ковид-пасошот, но има договор на ниво на ЕУ за содржината.

Со оглед на тоа дека тоа ќе биде паметно решение, додава Цапак, ќе бидат потребни до три месеци за да почне неговата употреба.

„Јутарњи лист“ пишува дека на ниво на Унијата сѐ уште се дискутира дали граѓаните кои биле вакцинирани ќе добијат паметни картички со код што може да се чита на мобилен телефон.

makfax.com.mk