Двојна победа

Ердоган: „Турција му одржа на светот лекција за демократија“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање во Истанбул по предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција, истакна дека гласачите повторно му укажале доверба да ја води земјата, за што им искажа благодарност, јавува Anadolu Agency (AA).

„Познати се неофицијалните резултати од изборите. Според тие резултати, народот ми ја довери функцијата претседател", изјави Ердоган. Тој порача дека гласачите во Турција излегле во голем број на гласачките места и на тој начин на целиот свет му одржале лекција за демократија.

„Со одзивот од речиси 90 отсто, Турција на целиот свет му одржа лекција за демократија", изјави Ердоган, додавајќи дека безбедноста на гласачките места и слободата на гласање се голем одраз на силата на турската демократија.

„На мојот народ уште еднаш му честитам за победата на демократијата на 24 јуни", истакна турскиот претседател, изразувајќи желба резултатите од изборите да бидат од корист за државата и народот.

„Им се заблагодарувам на сите кои со своите гласови го дадоа својот придонес да се виори знамето на демократијата. Ќе продолжиме заедно со народот да чекориме по патот кон светла иднина на Турција", изјави Ердоган.

На крајот нагласи дека и понатаму на секој чекор ќе продолжи да вложува напори за Турција да влезе во друштвото на 10-те најразвиени земји на светот. „Турција ја спасивме од канџите на пучистите, од платените политичко-економски убијци, уличните банди и терористички организации. Не застануваме сè додека не ја направиме една од 10-те најразвиени земји на светот", изјави Ердоган.

Според првичните неофицијални и непотполни резултати од предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган е во предност со 52,93 отсто освоени гласови, пресметани врз основа на 93,74 отсто пребројани гласови.

Претседателскиот кандидат на главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП), Мухарем Инџе, е втор со 30,62 отсто освоени гласови, а следуваат кандидатот на Народната демократска партија (ХДП), Селахатин Демирташ, со 7,9 отсто и кандидатката на Партијата ИЈИ (IYI), Мерал Алшенер, со 7,46 отсто. Сојузот на Партијата за правда и развој (АК Партија) и Партијата на национално движење (МХП), според досегашниот број на пребројани гласови, освои 53,95 отсто од гласовите.

Сојузот на ЏХП, Партијата ИЈИ, партијата Саадет и Демократската партија (ДП), според досегашните резултати, освои 33,97 отсто од гласовите на гласачите. Во Турција денес се одржани предвремени претседателски и парламентарни избори на кои гласачите бираа претседател на државата и нов состав на Големото народно собрание на Република Турција.

Извор+Фото: Анадолу

Поврзани

Најнови вести

Коментари