Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган му кажа на претседателот на Русија Владимир Путин дека меѓународната заедница би требало „да му одржи на Израел остра и страшна лекција“ поради односот кон Палестинците.

Како што наведе дирекцијата за комуникации на кабинетот на турскиот претседател, двајцата лидери денес разговарале по телефон за конфликтот кој ескалираше, а поттикнат е од тензиите во Ерусалим.

Во соопштението се наведува дека Ердоган истакнал дека треба да се изврши притисок врз Советот за безбедност на Обединетите нации брзо да интервенира со „решителни и јасни пораки“ до Израел.

Турскиот лидер му сугерирал на рускиот колега дека треба да ја разгледа идејата за меѓународни заштитни сили за да ги заштитат Палестинците.

Во меѓувреме илјадници луѓе во Истанбул, не почитувајќи ги рестрикциите воведени поради заразата со коронавирусот, доцна синоќа демонстрираа против израелските напади.

Голем број возила тргнаа во колона кон конзултатот на Израел, а учесниците на протестот носеа турски и палестински знамиња.

На зградата на израелскиот конзулат беше проектирана слика на знамињата.