logo
logo
logo

ЕК се огласи за „нон-пејперот“ на Јанша: Позицијата за Западен Балкан е многу јасна – нема што да се менува

Vecer | 13.04.2021

ЕК се огласи за „нон-пејперот“ на Јанша: Позицијата за Западен Балкан е многу јасна – нема што да се менува

Портпаролот на Европската комисија Петер Стано денеска изјави дека приказната што ја објавија некои портали во БиХ дека словенечкиот премиер Јанез Јанша му предал неофицијален дипломатски документ на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кој тој наводно предлага промена на границите на Западен Балкан и поделба на БиХ по етничка основа е измислена.

„Позицијата на ЕУ е многу јасна и нема ништо што треба да се промени. Треба да работиме на регионална соработка и помирување. Тоа е идејата и логиката на пристапниот процес – обид да се решат сите прашања, така што процесот не оди во опасни области, придржувајќи се кон европските закони и принципи“,изјави Стано.

Од вчера медиумите во регионот јавуваат за нон-пејпер што Јанез Јанша му го предал на Шарл Мишел во кој се наведува стратегија за “финализирање на распадот на поранешна Југославија“, меѓу другото преку поделба на Босна и Херцеговина, но и на Северна Македонија, Косово и Црна Гора.

Јанша ја демантираше оваа информација, додека европратеничката од Словенија, Тања Фајон, изјави дека стратегијата на словенечкиот премиер може да доведе до “нова војна на Балканот“.

Пред изјавата на Стано и портпаролот на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, изјави дека не можат да потврдат постоење на нон-пејпер предаден од страна на словенечкиот премиер.

„Не можам да потврдам дека го добивме тој нон-пејпер“, кусо одговори портпаролот на Мишел, иако неколку часа претходно од прес службите на Мишел стигна потврда за постоењето на нон-пејперот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk