Двете Кореи ќе вечераат на иста маса

Делегацијата на Јужна Кореја пристигна во Пјонгјанг каде за прв пат лично ќе се состане со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, откако ја презеде должноста во 2011-та година. Во рамки на средбата предвидена е заедничка работна вечера. Состанокот го потврди и претседателскиот кабинет на Јужна Кореја, набрзо по пристигнувањето на делегацијата.

Меѓу целите на посетата на јужнокорејската 10-члена делегација, е и овозможувањето на почеток на дијалог помеѓу северна Кореја и Вашингтон, како и отфрлање на нуклеарното оружје на Северна Кореја.

Новинската агенција АП наведува дека доколку официјален Пјонгјанг покаже волја за разоружување, за време на официјалната посета на Сеул, постојат шпекулации дека Пјонгјанг и Вашингтон би можеле да воспостават сопствен дијалог за нуклеарното оружје. Сепак, агенцијата додава дека Пјонгјанг на неколку наврати повтори дека нема да преговара за својата нуклеарна програма, додека САД јасно го изнесоа ставот дека не сакаат празни преговори и дека сите опции, вклучувајќи и војна, се на маса.

Односите помеѓу двете Кореи се подобрија по Зимските олимписки игри кои беа одржани во Пјонгчанг, а на кои присуствуваше и делегација од Северна Кореја.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари