Новиот земјотрес со јачина од 3 степени според Рихтеровата скала што се случи вчера дополнително активираше многу свлечишта во Банија, а дупките што се создадоа во земјата стануваат сè поголеми.

Сеизмологот Крешимир Кук за ХРТ изјави дека појавата на овие дупки, досега не им била позната на сеизмолозите.

„Нема пишани траги, дури ни усни сознанија на нашите постари сеизмолози. Ова е нешто ново за нас“, потенцираше Кук.

Тој исто така рече дека земјотресите во Банија сè уште не престанале, но и дека сеизмичката активност е послаба.

Професорот Бруно Томљeновиќ од Загрепскиот факултет за рударство, геологија и нафтено инженерство истакна дека појавата на овие дупки може да се класифицира како феномен и дека не е вообичаено почвата да се однесува на овој начин по земјотрес.

Тој додаде дека најголемата  дупка во Банија има дијаметар од 30 метри, а се отворила на 6 јануари  и во тој момент нејзиниот дијаметар бил десет метри, објави порталот „Индекс“.

Томљеновиќ рече дека дупките се создаваат моментално и дека се крајно опасни поради тоа.

Дупките се појавуваат во области со специфична геолошка структура на теренот, каде што дел од наслагите што се наоѓаат на површината се спуштаат на пониски нивоа во земјата, а почвата е претежно составена од чакал, песок и глина.

Томљеновиќ рече дека такви феномени имало и претходно во областа Меченчани, во времето пред земјотресот.

makfax.com.mk