Кaпитализмот и алчноста и донесоа успех на Велика Британија во вакцинирањето на населението, рече премиерот Борис Џонсон, а неговата забелешка, пишува „Ројтерс“, може дополнително да го вознемири Брисел, кој се заканува да го блокира извозот на вакцини.

„Успехот на вакцината им го должиме на капитализмот и алчноста, мои пријатели“, рече премиерот, цитира „Сан“.

Според истиот извор, Џонсон ја изнел забелешката во вторникот вечерта на затворена видеосредба со пратениците на неговата партија. Сепак, тој веднаш ги замолил да заборават што рекол.

Од големите земји, Велика Британија се покажа како најуспешна во вакцинирањето на населението, но Европската Унија, која бавно напредува по ова прашање и сè уште се соочува со трет бран на инфекција, се заканува да го забрани извозот на вакцини, вклучително и дозите наменети за Велика Британија .

Даунинг стрит одби да ја коментира изјавата на Џонсон.

Според уредничката на „Би-би-си“, Лора Куенсберг, тоа е очигледно шега на сметка на еден од колегите на Џонсон, лидерот на ториевците во парламентот Марк Спенсер, кој лакомо јадел сендвич со сирење и кисела краставица кога зборувал премиерот.

Министерката за внатрешни работи Прити Пател, која не бил присутна на состанокот, смета дека премиерот зборувал за успехот на фармацевтските компании во создавањето вакцини за многу кратко време и на Велика Британија, која водеше во развојот на вакцините.

makfax.com.mk