Францускиот претседател Макрон денеска свика вонредна средба на евролидерите за позициите на Трамп чиј заменик Џеј Ди Венс вчера на самитот за безбедност во Минхен испрати сериозни критики до европските лидери.
Вечерва е најавено дека утре наутро ќе има и вонредна средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ во Минхен, пишува Политико.
Грчкото МНР објави дека министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, утре, недела, 16 февруари, во 08:30 часот ќе учествува на вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
-Францускиот претседател Емануел Макрон ги свикува европските лидери на вонреден самит во Париз во понеделник, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на Минхенската безбедносна конференција во саботата.
„Многу ми е драго што претседателот Макрон ги повика нашите лидери во Париз“, рече Сикорски, додавајќи дека очекува европските лидери да разговараат „на многу сериозен начин“ за предизвиците што ги поставува американскиот претседател Доналд Трамп.
„Претседателот Трамп има метод на дејствување што Русите го нарекуваат ,,разведка бојем” – извидување преку битка: Интервенирале и гледате што се случува, а потоа ја менувате вашата позиција… И ние треба да одговориме“, рече полскиот министер.
Сикорски подоцна рече дека полскиот премиер Доналд Туск ќе отпатува во понеделник на покана на Макрон на состанокот.
“Треба да ја покажеме нашата сила и единство“, рече Сикорски во објавата на социјалните мрежи.
Засега не е кажано кои европски лидери ќе бидат поканети на итниот состанок на шефовите на држави и влади на ЕУ членките кој треба да се одржи во понеделник во Париз.
Не беше јасно дали на состанокот ќе бидат вклучени сите лидери на ЕУ, или само помала група земји, и дали ќе бидат поканети и други европски лидери како британскиот премиер Кир Стармер.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој беше на панелот со Сикорски во Минхен, не го потврди или негираше итниот самит.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата