Директорот на Музејот Аушвиц:

Денеска состојбата е полоша одошто пред Втората светска војна

Пјотр Цивински вели дека Европа и светот повторно се соочуваат со популизам, говор на омраза, антисемитизам, ксенофобија

Директорот на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау Пјотр Цивински оцени дека Европа и светот се соочуваат со повторно раѓање на популизмот и со говор на омраза, антисемитизам, ксенофобија и одбегнување на одговорност, нагласувајќи дека тоа историско место е доказ до каде може да доведе човечката омраза и ненавремената реакција на злото.

-Сведочиме на повторно раѓање на најлошите видови популизам и ксенофобија... и тоа многу вознемирува, рече пред новинарите Цивински, кој од 1006 година е директор на музејот.

Токму Аушвиц е доказ до што може да одведе омразата, нагласи Цивински неделава на меѓународниот семинар за новинари, истакнувајќи дека музејот се обидува да го прикаже механизмот на злото кое тука се случило за луѓето да се поттикнат да размислат и да ја анализираат својата одговорност денеска.

А денес, вели тој, од морален аспект воопшто нема сомнежи дека состојбата е значително полоша одошто спроти Втората светска војна.

Тој објаснува дека тогаш имало војна, помагањето на Евреите се казнувало со смрт, а информациите бавно се ширеле.

-Денес го знаеме сето тоа во реално време. Не сме во војна. А во смисла на помош не се случува многу повеќе одошто тогаш, вели тој.

Цивински рече дека Музејот Аушвиц-Биркенау покрај семинарите за новинари организира и бројни други конференции и собири, за млади, учители, судии и полицајци, дипломати, па дури и затвореници.

Меморијалниот центар организира собири и во други градови и земји.

Павел Савицки од канцеларијата за медиуми кои новинарите ги прошета низ Аушвиц 1 и Аушвиц 2 – Биркенау истакна дека геноцидот не започнува со убиства.

-Сите недела започнуваат со зборови, вели тој. Изостанувањето на реакција е акцелератор на се што следува.

За Павел Савицки неговите соработници велат дека бил водич низ познатиот логор на голем број шефови на држави, премиери и славни личности. Но, за тоа не смее да зборува. Смее и сака да зборува за одговорноста на луѓето и сака таа порака особено да им ја пренесе на новинарите оти, како што вели, силата на медиумите е голема и затоа седмата сила мора да биде свесна за својата моќ.

Вработените во музејот сакаат да ги наведат посетителите да се запрашаат за својата лична одговорност.

-Нашата најважна задача е да ги научиме луѓето на одговорност, да им укажеме дека сите ние сме посматрачи на злото и дека секогаш имаме избор, вели Савицки, додавајќи дека поединци одлучуваат дали ќе останат пасивни или ќе дејствуваат.

Целта е да се покаже дека прво постоела голема фрустрација, на која се надградиле пропагандата и популизмот, а потоа се прикажал непријателот и почнало истрабувањето.

-Сакам секој посетител да си го постави прашањето – во која фаза сме сега?, вели директорот Цивински.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари