Се зависи од реакцијата на ЕУ

Дали Шпанија може да заврши како Југославија?

Каталонската криза е предизвикана од неодговорното однесување и на официјален Мадрид и на регионалната влада во Барселона

Големата разлика помеѓу Каталонија и СФРЈ е таа што иднината на ЕУ не зависеше од опстанокот на Југославија, пишува Нешнл интерест и додава дека ЕУ нема да дозволи отцепување на Каталонија оти тогаш ништо нема да ги спречи Баскија, Фландрија и ним сличните региони да тргнат по истиот пат.

Весникот наведува дека над половината Каталонци кои не излегле на спорното гласање, јасно ставиле до знаење што мислат за референдумот свесни дека во независна Каталонија нема да тече мед и млеко, туку ќе биде држава вон ЕУ, со поголема стапка на невработеност, повисоки даноци и со Барселона која нема да го игра шпанското првенство.

Европската унија и изминатите години поднесуваше кризи кои се нижеа една по друга: од Грција, преку еврото до Брегзит и мигрантите, а сега се соочува со проблем во Шпанија која не може да се снајде во ситуацијата со Каталонија и нејзиното настојување да стане посебна држава.

Сега страстите се разгорени, а неодговорните лидери заглавија во својата тврдоглавост која прерасна во насилство, а насилството ги поларизира луѓето додека од него профитираат само екстремистите и тоа на обете страни, пишува Нешнл интерест. Она што е заедничко за сите кризи во ЕУ е што во нив нема насилство. Насилството во протестите до толку е искоренето што Европејците повеќе не ја сфаќаат сериозно потенцијалната опасност од конфликти, пишува весникот и додава дека многу се лажат.

Каталонската криза е предизвикана од неодговорното однесување и на официјален Мадрид и на регионалната влада во Барселона. И покрај резултатите од анкетите кои покажуваа дека над половината од граѓаните на Каталонија нема да излезат на референдумот, регионалниот претседател Карлас Пуџдемон сепак се реши да го одржи.

Малку е да се каже дека историскиот глас за независност се претвори во фијаско: над половина не излегоа на референдумот, а се појавија докази дека некои луѓе по неколку пати гласале на различни избирачки места, но Пуџдемон излезе и рече – Победивме!, наведува весникот. Се ќе останеше на тоа доколку Мадрид како и во претходните случаи го игнорираше референдумот, но премиерот Маријано Рахој од само нему познати причини реши да испрати полиција и да го спречи референдумот. Резултат беа сцените какви што Европа нема видено со децении – брутално претепување.

Европејците тоа можеби не сакаат да го сфатат, но Мадрид и Барселона се на работ амбисот. Можеби ќе погледнат удолу и нема да им се допадне тоа што ќе го видат и ќе се повлечат, а можеби и нема да го видат и ќе направат фатален чекор, пишува весникот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари