logo
logo
logo

„Да не губиме време на Западен Балкан“

Vecer | 02.07.2022

„Да не губиме време на Западен Балкан“

Не смееме повеќе да губиме време во интеграција и приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Не смее да има простор на Балканот што може да го пополни Русија или други актери, рече Бербок.

Во побрзото поврзување на земјите од регионот со ЕУ „не се работи само за нашиот геополитички кредибилитет“, истакна таа по средбата со нејзината словенечка колешка Тања Фајон. Освен Русија, за посилно влијание врз земјите од Западен Балкан се бори и Кина.

„Западен Балкан географски е во средината на Европската унија. И ние конечно мораме да ги внесеме луѓето од Западен Балкан во нашиот политички центар“, рече Бербок.

Според неа, ЕУ требаше да ги исполни своите ветувања во однос на пристапните преговори со земјите од регионот, особено во однос на отворањето на преговорите со С. Македонија и Албанија.

„Тоа е во наш стратешки интерес и исто така е прашање на нашата сигурност“, објасни германскиот министер.

Земјите од Западен Балкан ги вклучуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Во тој контекст, Бербок посочи дека во четвртокот, на последниот ден од шестмесечното претседавање со ЕУ, Франција предложила компромис кој треба да овозможи преговори со Скопје и Тирана. Според неа, францускиот предлог е единствена можност – „конечно мораме заедно да го направиме тој чекор“.

Доколку ЕУ не ги исполни ветувањата, другите ќе го пополнат просторот во регионот, а особено многу млади луѓе кои сакаат „заедничка европска куќа“ ќе бидат разочарани.

Француската иницијатива зема предвид теми кои се чувствителни за двете страни и треба да се разгледаат сега, изјави во четвртокот германскиот канцелар Олаф Шолц. Решението на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија сега е многу поблиску, рече тој во Мадрид, на маргините на самитот на НАТО во Шпанија.

Бугарија ги блокира преговорите од крајот на 2020 година бидејќи Северна Македонија ги отфрли барањата на Софија, на пример оние за правата на Бугарите. Блокадата ја погодува и Албанија бидејќи ЕУ сака Северна Македонија и Албанија да напредуваат кон членство во исто време.

Фото: Профи

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk