logo
logo
logo

Чешка ќе бара Русија да плати отштета за експлозијата во магацинот за оружје

Vecer | 21.04.2021

Чешка ќе бара Русија да плати отштета за експлозијата во магацинот за оружје


Долниот дом на чешкиот парламент усвои документ со кој се повикува владата да побара обештетување од Русија за експлозијата од 2014 година, во складиштето за муниција во чешкото село Врбетице, објави денеска чешкиот весник „Днес“.

Пратениците исто така ја повикуваат владата да го намали бројот на руски дипломати во Чешка и ја поддржаа одлуката на владата да протера 18 вработени од руската амбасада, кои ја напуштија Прага во понеделникот, пренесува руската новинска агенција ТАСС.

Долниот дом на чешкиот парламент исто така ги повика министрите да се спротивстават на акциите што му штетат на суверенитетот на Чешката Република.

Според документот, на руските компании не смее да им се дозволи да учествуваат во стратешки важни инфраструктурни проекти на територијата на Чешка, како што е изградбата на нуклеарни централи.

Претходно, чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави дека Министерството за финансии подготвува тужба за отштета против оние кои стојат зад експлозијата во складиштето за муниција во селото Врбетице.

„Нанесена е огромна штета. Министерството за финансии подготвува тужба со барање за обештетување“, најави Бабиш.

Бабиш во саботата вечерта (17 април) соопшти дека руската воена тајна служба ГРУ била одговорна за двете големи експлозии во магацинот со оружје во јужна Чешка, при што загинаа две лица.

Во чешката јавност сè погласни се обвинувањата за „руски државен тероризам“ и земјата е исправена пред промена на својата досегашна надворешна политика кон Русија.

Владата во Москва реагираше веднаш и прилично остро. Министерството за надворешни работи ги нарече обвинувањата „апсурдни“ и од своја страна протера дваесет чешки дипломати од Русија, односно речиси целиот персонал во амбасадата на Чешка.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk