Споменик на рускиот поет Александар Пушкин е откриен на територијата на Рускиот духовен и културен православен центар во Париз.
На церемонијата присуствуваа претставници на руската амбасада во Франција, свештенството на Руската православна црква, претставници на париската јавност, како и пра-правнукот на поетот Александар Александрович Пушкин и неговата сопруга Марија Александровна, кои допатуваа од Белгија.
Споменикот, во придружба на музика од Петар Чајковски, свечено го откри амбасадорот на Русија во Франција, Алексеј Мешков, со сечење на црвената лента, по што учесниците положија цвеќе. Автор на скулптурата е скулпторот Александар Таратинов.
Отворањето на споменикот во центарот на Париз стана симбол на присуството на руската култура во Франција, изјави портпаролката на МСП на Русија, Марија Захарова.
„Тој ќе стане светол симбол на руското духовно и културно присуство во Франција, нова точка на средба за сите заинтересирани за културата и историјата на Русија. Без разлика колку биле тешки односите меѓу Русија и Франција, за народите на нашите земји делото на Пушкин отсекогаш било и, убедени сме, ќе биде обединувачки почеток и неисцрпен извор на инспирација“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата