Британскиот двоен агент Ким Филби доби свој плоштад во Москва

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин во вторникот го наложи именувањето на плоштадот Ким Филби во квартот Јасеново, каде што се наоѓа седиштето на руската разузнавачка служба СВР.

Овој плоштад, кој е всушност повеќе крстосница на неколку важни улици во Јасеново отколку вистински плоштад, досега немаше име.

Именувањето се случува во време на големи тензии меѓу Русија и Велика Британија поради труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипаљ во март.

Лондон ги обвини агентите на руската воена разузнавачка служба ГРУ за обид за убиство на поранешниот шпион.

Ким Филби беше најефикасен во групата што историчарите ја нарекуваат „Петорката од Кембриџ”. Пет поранешни студенти на престижниот британски универзитет беа регрутирани во триесеттите години од страна на Советите и тие повеќе децении работеа за Москва.

Кога му се закануваше опасност да биде откриен, Филби пребегна во СССР во јануари 1963 година. Тој живееше во Москва сè до својата смрт во 1988 година, но далеку од Јасенов.

Во Русија, а особено во разузнавачките кругови, Филби сè уште важи за херој. Шефот на СВР Сергеј Наришкин минатата година отвори изложба посветена на овој двоен агент.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари